Книжевноста е оаза што треба да ја зачува уметноста од политиката

Сомнежот е основата на пишувањето. Постоеја периоди во кои предоминантно политиката се мешаше во книжевноста, затоа што политичките структури сакаа да бидат присутни, а потоа дојдоа модерни времиња во кои ми се чини дека книжевноста се турка во политиката. Сметам дека книжевноста е оаза која треба да ја зачува уметноста од политиката. Секако дека разликувам политички ангажман на писателите и на секој создател, но да не се дозволи литературата да се претвори во едно поле на слобода на политиката. Слободата постои во главата на писателот. Некако не сум уверен дека постои онаа генерална слобода, за неа страшно мораме да се бориме секој ден, но работата на писателот е тоа да го прави со добри книги – рече писателот и издавач Владислав Бајац на тркалезната маса што на тема „Литература/општество/критика (литературата и критичкото препрочитување на општествените процеси)” се одржа во Europe House Skopje, во рамките на 10. издание на фестивалот „Про-За Балкан”.

This image has an empty alt attribute; its file name is trkalezna3.jpg

loading...

Тркалезната маса ја отвори основачот на фестивалот Дејан Трајкоски, кој најави голема и опширна тема која може да се разгледува од многу аспекти, а еден од нив е слободата. На тркалезната маса учествуваа сите гости на фестивалот – писатели, како и литературни агенти, уредници кои се дел од програмата „Скопје фелоушип”.

На прашањето на модераторот Владимир Јанковски во контекст на слободата, хрватскиот писател Дамир Каракаш рече дека секој писател мора да каже за што се неговите книги, така што тој би рекол дека се за слободата и правдата и додаде:


– Но, мислам дека ја потценивме улогата на читателите, која е многу битна бидејќи како што постојат добри и лоши писатели, постојат добри и лоши читатели. Добриот читател од просечна новела може да направи одличен роман, а лошиот читател да ја уништи. Причината што имаме сè помалку добри читатели е поради образовниот систем, како и новите медиуми кои се појавија. Она што порано беа библиите, сега се ајфоните. На луѓето сè им стана споро, бавно, а предноста на книжевноста е токму во нејзината бавност.

За односот кон читателската публика и градење однос на читателите кон книгата се надоврза Катја Кац, издавач на книги за деца од Словенија, која рече дека литературата денеска мора да се натпреварува со другите медиуми кои им се поважни и подостапни на децата.


This image has an empty alt attribute; its file name is bajac.jpg

– Во една анализа на ПИСА за читачките навики, словенечките ученици беа под просек. Откривме дека таа анализа се однесува не само на функционалното читање, туку и на аналитичкото читање и дека децата не се мотивирани да читаат поголеми текстови и да ги ставаат во поширок контект. Со промоција на добра литература придружена со одредени дополнителни активности може да се градат читатели и да не ги губиме повеќе отколку што ги губиме сега – рече Кац.

По однос на тоа каква литература им нуди францускиот гигант „Галимар” на своите читатели, Орор Туја нагласи дека после 91 година македонскиот јазик првпат влезе во листата на „Галимар” и среќна е што успеала во тоа преку објавата на книгата „Мојот маж” на Румена Бужаровска.

– Без разлика од каде е и на каков јазик е напишана книгата треба да биде оригинална. Дел од работата на уредниците е да отворат порта кон нешто различно од тоа што го знаат и да научат за можните реалности во другите земји и пошироко. Но тоа не е целта на литературата, ами уметност. Нема рецепт, но бараме универзалност, без разлика од каде доаѓате. Само бараме уметност и знам дека не е фер оти имаме ограничен простор за објави – истакна Туја.

This image has an empty alt attribute; its file name is pijan-slavej-1.jpg

На прашањето, пак, што странските издавачи бараат од еден автор кој доаѓа од Турција, Пелин Јилмаз од издавачката куќа „Ипсилон”, која нуди турски автори на меѓународниот книжевен пазар, рече:

– Полесно ми е да работам со арапските земји поради поблиските односи. Во европските земји, сакаат да ја купат и културата, илустрациите на книгата, не само текстот.

Бугарската писателка Елена Алексиева рече дека освен кон читателите, треба да се свртиме и да погледеме и кон писателите. Од една страна литературата е тргната на маргините, а од друга страна тоа е можеби така затоа што е нерелевантна, односно не зборува нешто релеватно за светот и општеството што не опкружува.

– Писателот во голема мера се претвори во човек што сака да се тргне настрана, во својата средна класа сака да има привилегија да го прави тоа што сака без никој да му здодева, и на крај како резултат на тоа, имаме луѓе кои многу често пишуваат за други писатели. Огромно количество на литературни творби кои се занимаваат со своите создатели, со литературата, со различните видови писателски кризи. Сакаме добра, сакаме квалитетна литература, но да наполниш квалитетна литература со смисла и да создадеш квалитетна литература е нешто многу потешко – заклучи таа.

Словенечката авторка Броња Жакељ, пак, во своето обраќање загатна тема како одредени теми од општеството се тргааат настрана и создаваат кај поединецот или цели групи специфичен однос кон цели одредени феномени или појави, кои може да се креативен поттик за создавање добра литература.

– Преку мојата книга сакав да најдам одговори на прашања што ме мачат и како општество се справуваме со гневот и болеста. Општеството бара да си силен, позитивен, полн со волја, за да може да те поднесе. Односот кон ваквите прашања лежи во фактот на трагичноста на модерното општество. Некако ги изгубивме алатките со кои се справуваме со стравот од смртта. Можеби затоа што сме општество на разумот, а разумот е слабо оружје во борбата со смртта – заклучи Жакељ.

This image has an empty alt attribute; its file name is trkalezna4.jpg

Трибината ја заокружи Томислав Османли кој истакна дека светот е многу тврдокорен и тврдоглав и дека авторите не можат да го сменат, но можат да го променат светот и свеста на еден дел од нивното читателство. Спасот од оттуѓениот свет во кој живееме го гледа само во фактицизмот на литературата.

– Ми се чини дека живееме во време на една колосална осаменост. Цивилизацијата денеска ја лачи колосалната осаменост на современиот човек. Најголемиот проблем на оваа цивилизација е дефакто отклонувањето од вистината. Оваа цивилизација не сака да се бави со вистината, неа ја владеат моќните, тие го детерминираат светот каков што тие го поимаат и практично го добиваме светот низ функцијата на медиумите како една раздробена реалност, изобличена мозаична слика во која недостасуваат многу камчиња од човечкиот мозаик. Нашата ренесанса допрва треба да се случи – рече Османли.

Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа”. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан” се: Министерството за култура, „Традуки”, Турскиот културен центар „Јунус Емре”, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Национална Галерија, СПОНА.

This image has an empty alt attribute; its file name is grlic3.jpg

Рајко Грлиќ: Некогаш фестивалите ни беа услов за да можеме да ги прикажеме филмовите дома

На вториот фестивалски ден во кафе-книжарницата „Буква” беше одржан разговор на Александар Прокопиев со режисерот Рајко Грлиќ по што следуваше музички перформанс на Пијан Славеј и промоција на неговата трета поетска книга „Полиграф”, во издание на „Прозарт медиа”. Пијан Славеј заедно со Гоце Јовановски ја направија вечерта посебна.

Хрватскиот режисер Рајко Грлиќ се осврна на периодот на снимањето на филмот „Караула” (2004 година), во кој Македонија беше една од земјите копродуцентки. Тоа беше прв филм што земјите некогашни членки на Југославија го снимија по нејзиното распаѓање.

This image has an empty alt attribute; its file name is grlic0.jpg

-Кога пишувате сценарио, тоа си има правила и се што ќе видите на екран, треба да биде напишано во текстот. Со литературата не е така. Јас цел живот пишувам сценарија и не се сметам себеси за писател. „Нераскажани приказни” ми е повеќе книга со забелешки. Но, и жанрот не е важен. Тоа е категорија што Американците ја измислија за да си ги категоризираат своите филмови во киносалите. Јас ја имав таа среќа, со секој нареден филм да имам слобода да избирам што ќе работам. Учев од мајстори на филмот – Душан Макавејев, Александар Петровиќ, Жика Павловиќ…Во тоа време кога почнаа да се забрануваат некои филмови, се случи трагедија на една култура. Да се прави филм не е лесна работа. Во наше време, фестивалите ни беа како вид услов за да можеме да ги убедиме дома дека треба да ни се пушта филмот во киносалите. Денес имам чувство дека на авторите не им е важна публиката, но само фестивалите – рече Грлиќ.

This image has an empty alt attribute; its file name is petar-arsovski.jpg

Актерот Петар Арсовски, кој игра во филмот „Караула” сподели свои сеќавања за периодот на снимањето и работата со Грлиќ. Тој читаше извадоци од „Нераскажани приказни” на Грлиќ.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Театарски уметници од Србија, Северна Македонија и Албанија стануваат дел од „ОТВОРЕН БАЛКАН“

Претставници на националните театри на Србија, Северна Македонија и Албанија, на 28. септември, во Владата …