Уредничка на престижниот француски „Галимар“ гостува на „Скопје фелоушип“ програмата на „ПРО-ЗА Балкан“

Го најавуваме и првиот гостин од регионот- српскиот писател Владимир Бајац – првиот лауреат на „Прозарт“. Тој ќе биде дел и од „Скопје фелоушип“ програмата, претставувајќи ја својата издавачка куќа „Геопоетика“.

Скопје, 6 септември: Најважната издавачка куќа за квалитетна литература во Европа со своја претставничка ќе биде дел од програмата „Скопје фелоушип“, на претстојниот 10. Интернационален фестивал на литературата „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје. Орор Туја, уредничка и координаторка за странска литература во францускиот издавач ќе гостува на јубилејниот фестивал, а со неа ќе имaат можност да се запознаат и македонските автори и издавачки куќи. Туја е задолжена за преводите од германски, холандски, од јазиците од Источна и Централна Европа, а од минатата година ја координира и програмата на изданието Du Monde Entier во Галимар, меѓународно издание кое во 2021 година наполни 90 години. Токму во издание на „Галимар“, деновиве ќе излезе и француското издание на книгата „Мојот маж“ на македонската писателка Румена Бужаровска.

loading...

Во програмата „Скопје фелоушип“ вообичаено учествуваат врвни издавачи и литературни агенти од цел свет, со цел македонската литература да се доближи до светот. Наш ценет гостин ќе биде и писателот Владимир Бајац, кој е првиот лауреат на „Прозарт“ на фестивалот. Тој ќе биде дел и од „Скопје фелоушип“ програмата, претставувајќи ја својата издавачка куќа „Геопоетика“.

Учесници во оваа програма се и: Пелин Јилмаз од издавачката група „Епсилон“ и Катја Кац од КУД „Содобност Интернационал“. Тие ќе учествуваат на тркалезна маса на вториот фестивалски ден и ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.


Орор Туја (Aurore Touya) (Париз, 1983) е уредник и координатор за странска литература во француската издавачка куќа Editions Gallimard. По студиите по француска и компаративна книжевност на École Normale Supérieure (Лион, 2003-2006), ја напишала својата магистерската теза на Универзитетот во Калифорнија (Беркли, 2007) и одбранила докторска теза по компаративна книжевност на Универзитетот во Сорбона. Таа е рецензент и преведувач на изданијата на Кристијан Бургоа, а преведувала и филмски сценарија и романи од англиски, германски и од шпански јазик. Од 2011 до 2016 година работела како уредничка на изданието Bibliothèque de la Pléiade во „Галимар“, а потоа се вработила во одделот за странска литература во истата куќа.

Владислав Бајац е роден во 1954 година во Србија. Студирал Општа и југословенска книжевност на Филолошкиот факултет во Белград и работел како новинар и преведувач до 1993 година, кога ја основал издавачката куќа „Геопоетика“, а од 2008 до 2010 година бил и потпретседател на српскиот ПЕН-центар. Бајац има напишано повеќе романи, збирки раскази, збирки поезија. Добитник е на многу светски награди за своите дела. Двапати ја освојувал наградата на Итан – Меѓународен конкурс за хаику поезија во Токио, прво во 1991, а потоа и во 1993 година.
Меѓу неговите збирки со кратки раскази се „Европа на грбот на бикот“, издадена во 1998 година, и „Подметка за сништа“, издадена во 1992, за која ја освоил и наградата „Стеван Пешиќ“ за најдобра проза на годината. За „Црна кутија“ издадена во 1993 година ја добил наградата „Борислав Пекиќ“, „Друидот од Синдидун“ издадена во 1998 година е роман кој освоил две награди „Бранко Ќопиќ“, што ја доделува Српската академија на науките и уметностите и „Шести април“. Неговиот четврт роман „Бегство од биографија“ бил добитник на „Хит либрис“, додека „Европа експрес“ ја добил македонската наградата „Златен прстен“ во 2003 година. Романот „Амамот Балканија“ ја доби меѓународната награда „Балканика“ за најдобра книга во 2008 година. Бајац е добитник на 20-ина релевантни награди и 10-ина номинации. Неговите дела се преведени на 20-ина светски јазици и многу од нив се адаптирани за театарски претстави.


Пелин Јилмаз работи во издавачката група „Епсилон“ од 2019 година како менаџерка за странски права. Нејзините главни одговорности во издавачката група се проектен менаџмент, корпоративна продажба и маркетинг. Од 2020 година е исклучиво одговорна за Одделот за права. Целта им е нивните книги да патуваат низ светот. Нивните наслови се преведени на многу јазици: англиски, француски, шпански, италијански, полски, словенечки, корејски, кинески, арапски, итн… Нејзината цел е да одржува одржлив однос со меѓународните издавачи и менаџерите за странски права.

Катја Кац (1992) дипломирала на културолошките студии на Факултетот за општествени науки во Љубљана. Од 2012 до 2014 година, работела на музичкиот фестивал „Годибоди” како координатор за гости и уметници. Работела и на европската промоција на најголемиот словенечки фестивал на отворено, „Фестивалскиот пост“ од 2011 година. Во 2014 година била потпретседател, работела на грантови, односи со јавност и промоција. Во 2013 година соработувала со Хуманиот центар за историја и култура на Источно-Централна Европа. Од јуни 2015 година работи во КУД „Содобност Интернационал“ како проект-менаџер и менаџер за странски права. Од мај 2016 година, таа е вклучена во проектите „Нашата мала библиотека“ (DG EAC го нарече проектот OLL како „успешна приказна“), „Книгите ги поврзуваат световите“ и „Спремни за читање“. Била проект-менаџер на проектот за соработка со ЕУ „Нашата мала библиотека: Ајде да запознаеме детски автори и илустратори“.

Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е „Прозарт медиа“. Поддржувачи се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Француски институт во Скопје, Кинотека, СПОНА, Национална Галерија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Театарски уметници од Србија, Северна Македонија и Албанија стануваат дел од „ОТВОРЕН БАЛКАН“

Претставници на националните театри на Србија, Северна Македонија и Албанија, на 28. септември, во Владата …