Во најновиот седми број на српската периодична публикација „Рас комик“, што неодамна излезе од печат, се објавени два стрипа на македонски автори. Се работи за наградуваниот стрип „Мачорот што сакаше да стане крал на светот“ на Катерина Николовска-Тери и стрипот „Блесок“ на Мирко Бојаџијевски, обата работени по текстови на стрип-сценаристот и хроничар Александар Стеванов од Штип.
„Рас комик“ е српска ревија во издание на Клубот на ликовни уметници, Канцеларијата за млади и Центарот за култура од Рашка. Соработката на македонската стрип-сцена со публикацијата е остварена пред неколку години, на стрип-колонијата во Рашка. На колонијата што годинава се одржа кон крајот на јули традиционално присуствуваа и автори од земјава, испратени со посредство на СЦМ – Велес.