Денеска е спомен на Светите маченици Кирик и Јулита: Празник на мајката и детето – НИКАКО не го правете ова!

Светата православна црква денес го одбележува споменот на светите маченици Кирик и Јулита и споменот за Свети Владимир, голем кнез руски… 
Светите маченици Кирик и Јулита
Празници во најтоплиот период од годината поврзани со оганот
Во овој период од годината нашиот народ празнува три празници: Свети маченици Кирик и Јулита, Свети свештеномаченик Антиноген и Света маченица Марина, позната како Огнена Марија. Овие три празници меѓу народот се празнуваат како еден празник: Горешници – Чуруци и имаат иста смисла, заштита од оган, пожари и сл.
Во периодот на најтоплото време во годината народот празнува три дена, како што се вели, за од оган. Тоа се празниците посветени на светите маченици Кирик и Јулита 28/15 јули, светиот свештеномаченик Антиноген и неговите 10 ученици 29/16 јули и светата великомаченица Марина (Огнена Марија) 30/17 јули. Се верувало дека кој ќе работи во текот на овие празници ќе страда од оган, ќе му изгори куќата, или бидејќи е време за жетва сама од себе или од небесен оган ќе се запали и ќе изгори целата сеидба, како пожнеаното така и нежнеаното. Некаде се верува дека ќе изгори само тоа што е пожнеано тој ден.
Во народот овие три дена се нарекуваат Горешници (од оган-горење) или во други места Чуруци (пак од чур-чад, чурење-чадење на оган). Уште чурук се вели за нешто што не добро, односно што е лошо ( стана чурук ‒ стана лошо). Во некои места се смета дека ако се работи на овој ден ќе се исчуручи нивата (Дебарца, Охридско), односно ќе стане неродна. И во други места се верува дека ќе се исчуручат алиштата, ќе скапат. Во таа смисла е и записот на Е. Спространов во кој се вели: „Чуреѕи се вика денот на 15 јули. Тој ден жените не работат тешка работа (не перат, не влачат волна, не предат и др.), за да не им „чурутисвет“ алиштата ‒ станувале чурук-изгнивале“. Во смисла на народните верувања за овој празник интересен е и записот на М. Цепенков кој сведочи дека според овој ден се прогнозирало какво ќе биде времето. „На 15 јулиј (зуреци), во тој ден гледаат старите на времето какво ќе биди: ако је многу горештина, зимата ќе била многу студена; ако е облачно, зимата ќе била мека; а пак ако је дождовито зимата ќе била со лапајци.“

This image has an empty alt attribute; its file name is sveti-kirik-i-julita.jpg


За време на римскиот цар Диоклецијан кога бил извршен жесток прогон на христијаните настрадала и светата великомаченица Јулита со својот петгодишен (според некои сведоштва тригодишен) син Кирик. Јулита рано останала вдовица и живеела во градот Иконија. Кога месниот владател Александар разбрал дека Јулита станала христијанка ја повикал и најпрвин со убедување се обидел да ја поврати во многубоштво. Но кога во тоа не успеал ја уценил со нејзиниот син. Тогаш Јулита се уплашила, но синот ѝ дал знак да не се откажува од вербата во Христа поради што разбеснетиот владетел со нога го турнал од вториот кат и детето на местото останало мртво. Потоа Јулита била мачена и со меч ѝ била отсечена главата. Тоа се случило во 304 година. Споменот на светите маченици Кирик и Јулита светата Христова црква го празнува на 28/15 јули.
Се верува дека Св. Кирик штити од кожни болести, па овој ден сите што имаат здравстевни проблеми со кожата се бањаат во изворите и реките.
Во некои краишта постои обичај за отстранување на страшила од нивите, бидејќи денеска не се потребни. Се верува дека Св.Кирик(Кирил) штити од птиците грабливки.
Како е ова, пред се празник на љубовта на мајката и детето, жените на денешен ден треба да избегнуваат да ги караат децата, бидејќи се верува дека во спротивно ќе бидат болни преку година.
На ова древно правило се придржуваат и останатите домашни, па на денешниот празник најмногу му се радуваат децата бидејќи денеска им се исполнуваат сите желби.
Затоа мајки поминете го денов со вашите деца. Прошетајте со нив, играјте и сакајте ги – сите ќе бидат посреќни.
Светителката беше од благороден род. Рано остана вдовица со новороденото дете Кирик. Живееше во Ликаонскиот град Иконија и наполно беше предадена на живот во Христа. Нејзиниот син го крсти веднаш по раѓањето, а кога имаше три години, го научи на верата и на молитва онолку колку што може да прими дете на таа возраст. Кога Диоклецијан нареди да се гонат христијаните, невина крв беше пролеана во градот Иконија во изобилство. Јулита го зеде својот син и се засолни од гневот на незнабошците во градот Селевкија. Но, ни таму не беше подобро. Ја фатија како христијанка и ја изведоа на суд. Откако таа ја изјави храбро својата вера во Господ Исус, судијата, за да ја нажали и поколеба, го зеде детето на своите раце и почна да го милува. Но Кирик викаше на сиот глас: „Пушти ме кај мајка ми, јас сум христијанин!“ И почна да го гребе судијата со рачињата, одвраќајќи го своето лице од него. Судијата се разжести, го тресна детето од земја, го турна со ногата, а тоа се стркала по камените скали и Му ја предаде својата света душа на Господ. Кога виде како Кирик пострада пред неа, света Јулита радосно Му заблагодари на Бога Којшто и синот ѝ го удостои со маченички венец. По многу маки беше убиена со меч, во 304 година. Моштите на светите Кирик и Јулита до денешен ден се чудотворни. Дел од нив се наоѓа во Охрид, во црквата на Пресвета Богородица Болничка.

This image has an empty alt attribute; its file name is sveti-vladimir-golem-knez-ruski.jpg


Свети Владимир, голем кнез руски 
На крштението наречен Василиј. Син на кнезот Свјастослав, а внук на Игор и Олга. Најпрво беше незнабожец, и според верата и според животот. Кога дозна дека постојат други вери, почна грижливо да испитува која од нив е најдобра. За ова испрати делегација во Цариград. Кога пратениците се вратија, му соопштија на кнезот дека биле на служба во Православната Црква во храмот на Света Софија и дека биле „надвор од себеси не знаејќи дали се на небото или на земјата“. Тоа го поттикна Владимир да се крсти и да го крсти својот народ. Главниот идол Перун беше симнат од Киевскиот Рид и фрлен во реката Дњепар. Кога ја прими христијанската вера, Владимир совршено го измени својот живот и сиот труд го вложуваше совршено да ги исполнува заповедите на оваа вера. Нареди насекаде по државата да се ѕидаат цркви наместо урнатите идолишта, а самиот ѝ изгради прекрасна црква на Пресвета Богородица во Киев. Црквата беше подигната на истото место каде што порано за Христа маченички пострадаа свети Теодор и неговиот син Јован (под 12 јули). Со истиот оној непоколеблив напор со којшто порано го штитеше идолопоклонството, светиот кнез Владимир потоа го распростре христијанството. Се упокои во Господ во 1015 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес е спомен на Светите апостоли Архип, Филимон и Апфиј

Светите апостоли Архип, Филимон и Апфија Архип беше еден од Седумдесетте. Апостолот Павле го спомнува …