(ФОТО) Баку е на Ферстапен, Ферари повторно го изневери Леклер!

Актуелниот шампион во Формула 1, Макс Ферстапен, триумфираше на Големата награда на Азербејџан, осмата трка во сезоната.
Возачот на Ред Бул ја забележа петтата победа сезонава на улиците на Баку, а вкупно 25-та во кариерата, пред неговиот тимски колега Серхио Перез. Тие двајца на австрискиот тим му донесоа трет двоен триумф годинава.
На третото скалило на подиумот се најде Џорџ Расел во болидот на Мерцедес, што е трет подиум од почетокот на сезоната.


Покрај триумфот на бранителот на титулата, осмото коло од шампионатот го одбележа и нов дебакл на Ферари, бидејќи трката не ја завршија ниту Шарл Леклер, ниту Карлос Саинс Јуниор. Монегаскиецот водеше во моментот кога му се расипа моторот, а профитирал од периодот на виртуелното безбедносно возило на патеката откако Саинс се откажал поради дефект на сопирачката.
Перез беше тој што поведе уште од стартот, пред Леклерк и Ферстапен, така што повлекувањето на Саинс предизвика забавување на трката, која повеќето возачи ја користеа за да одат по нови гуми. Ред Бул сепак се одлучи за поинаква стратегија, што доведе до тоа Перез и Ферстапен да останат на патеката. Леклер поведе кога дуото на австрискиот тим отиде во боксот, но неговата трка заврши во 20. круг, поради дефект, сличен на оној на „Каталуња“ пред неколку недели.

Набргу потоа, Ферстапен ја зазеде првата позиција, бидејќи на Перез му беше кажано да не го предизвикува, па од тој момент двајцата возеа рутинска трка, пред Расел, кој никогаш не беше загрозен на третото место. После најдобрите тројца следеше седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, кој по вториот период на виртуелното безбедносно возило, по откажувањето на Кевин Магнусен, лесно го престигна дуото на Алфа Таури, Јуки Цунода и Пјер Гасли. Тие двајца не го искористија забавувањето на трката за да дојдат до нови гуми, па Јапонецот всушност се најде пред возачот на Мерцедес, додека Гасли цело време беше меѓу Расел и Хамилтон.

Французинот ја мина целта на петтото место, пред возачот на Астон Мартин, Себастијан Фетел, кој имаше кратко излетување во раната фаза од трката, но и спектакуларно спасување за враќање на патеката. Седмото место го зазеде двократниот светски шампион Фернандо Алонсо, кој во Баку го престигна Михаел Шумахер како возач со најдолга кариера во историјата на Формула 1, а зад него се дуото на Мекларен, Даниел Рикардо и Ландо Норис. Последниот поен му припадна на возачот на Алпин, Естебан Окон, додека Перез го освои бодот за најбрз круг.

По петтата победа, Ферстапен ја зголеми предноста на врвот во генералниот пласман и сега има 150 бодови, пред Перез со 129 и Леклер, кој остана на 116.
Следната трка во Формула 1 ќе се вози за една недела за Големата награда на Канада на патеката „Жил Вилнев“, со директни преноси на Sport Club HD.

Фото: Twitter

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Озил објавил фотографија од болничкиот кревет со надеж дека ќе реши долгогодишен проблем

Поранешниот германски репрезентативец Месут Озил објавил дека операцијата на грбот му „минала добро“ и дека …