МОВ 2022: Спектакуларната оперска претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини 26.5.2022

Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини ќе биде изведена на 26 мај 2022 година со почеток 20.00 часот. Спектакуларната продукција на епската кинеска бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет, во рамките на 50. jубилејно издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
Диригент е гостинот од Италија, Даниеле Аџиман, познат на меѓународно ниво, диригирал со повеќе од 90 различни оркестри во Кореја, Јапонија, Аргентина, Јужна Африка, Франција, Германија, Австрија, Романија, Грузија, Русија и многу други. Режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт мајстор: Јане Бакевски, хор мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.
Во насловната улога ќе настапи Ханиинг Цо-Петанај од Тајван. Таа е првиот кинески сопран, добитник на националната стипендија за соло пејачи од „Театро ала Скала“ и таму има солистички ангажман како првата кинеска Принцеза -Турандот во истоимената опера на фестивалот „Пучини“ во Торе дел Лаго. Добитничка е на многубројни престижни награди. Во улогата на Калаф ќе настапи гостинот од Бугарија, Иван Момиров. Критичарите го признаваат неговиот талент заради длабокото проникнување во улогите што ги толкува, полниот тон и јасната дикција. Во досегашната кариера остварил над 30 главни ролји и соработувал со светски реномирани диригенти. Во улогата на Лиу ќе настапи нашиот сопран Злата Тошевска, во улогата на Тимур, првенецот Игор Дурловски. Во улогите на Пинг, Панг, Понг: Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев. Мандарин: Диме Петров, Алтоум: Мирослав Антовски. Хорот, оркестарот и балетскиот ансмбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma).

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Почина писателот Душко Родев

На 30 јуни 2022 г., во Скопје, по кусо боледување, во 91-та година од животот, …