Денес е спомен на Светиот пророк Јеремија: Заштитник од змии…

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 мај.
Јеремија се празнува како еден од поголемите пролетни празници, а обичаите и верувањата поврзани со него се во функција на магиска заштита од змии, гуштери и други …
Роден 600 години пред Христа, во селото Анатот, недалеку од Јерусалим. Почна да пророкува во својата петнаесетта година, во времето на царот Јосиј. Им пророкуваше за покајание на царот и на неговите големци, на лажните пророци и на свештениците и во времето на овој цар, Јосиј, одвај си ја спаси главата од убиствените раце на огорчените големци. На царот Јоаким му прорече дека неговиот погреб ќе биде како погреб на магаре, т. е. мртов ќе биде исфрлен надвор од Јерусалим и телото долго ќе му се влечка по земјата непогребано. Заради ова Јеремија беше фрлен во затвор. Бидејќи во затворот не можеше да пишува, го повика Варух, којшто застана покрај неговото затворско прозорче, а Јеремија почна да му диктира. Кога му го прочитаа ова пророштво на царот, тој гневен ја фрли хартијата во оган. Промислата Божја го спаси Јеремија од затворот, а врз Јоаким се исполни зборот на пророкот. На царот Јехониј, пак, му прорече дека со целото семејство ќе биде одведен во Вавилон и дека ќе умре таму, што наскоро и се случи. Под царот Седекија, Јеремија си стави јарем на вратот и така одеше по градот Јерусалим, пророкувајќи го со тоа падот на Јерусалим и ропството под јаремот на Вавилонците. На еврејските робови во Вавилон им пишуваше да не се надеваат да се вратат во Јерусалим, зашто ќе останат во Вавилон седумдесет години – така и беше. Во долината Тотеф, под Јерусалим, каде што Евреите им принесуваа на идолите деца како жртви, Јеремија зеде здрав лонец во рацете, го скрши пред народот, пророкувајќи ја брзата пропаст на Јудејското царство.

This image has an empty alt attribute; its file name is svetiot-prorok-jeremija.jpg


Наскоро Вавилонците го зазедоа Јерусалим, го убија царот Седекија, го разорија и го ограбија градот, а огромен број Евреи беа заклани во долината Тотеф, на местото каде што Пророкот го искрши оној лонец. Јеремија со левитите го зеде кивотот од храмот и го однесе на ридот Нават – каде што умре Мојсеј – и овде го скри во една пештера. Огнот од храмот пак, го скри во еден длабок бунар. Некои Евреи го принудија да оди со нив во Египет, каде поживеа четири години, а потоа беше од своите сонародници убиен со камења. На Мисирците им прорече дека идолите ќе им бидат разбиени и дека Дева со Младенецот ќе дојде во Мисир. Постои предание дека самиот цар Александар Велики го посетил гробот на Пророкот Јеремија. На наредба од Александар, телото на Јеремија е пренесено и со почести погребано во Александрија. Мисирците речиси го обожаваа Пророкот Јеремија. Затоа и го погребаа како крал. Го сметаа за чудотворец и после смртта. Правот од неговиот гроб го земаа како лек против каснувања од змија. И ден денес мнозина христијани во молитва го повикуваат Пророкот Јеремија против змии.

Светата царица Тамара грузиска


Светата благоверна царица на Грузија, Тамара Великата, е родена околу 1165 година. Потекнуваше од древната грузиска династија Багратиди и од 1178 година беше совладетелка на својот татко, Георгиј III. Времето на царувањето на светата Тамара е познато како златен век на грузиската историја: царицата Тамара се одликуваше со високо благочестие и продолжувајќи го делото започнато од нејзиниот дедо, благоверниот цар Давид III Возобновител (се слави на 26 јануари), придонесе за широкото распространување на христијанската вера по цела Грузија и за подигање на многу цркви и манастири. Во 1204 година управителот на румскиот султатнат, Рукн-ед-Дин, ѝ се обрати на Тамара со барање Грузија да се откаже од христијанството и да прими ислам. Царицата Тамара го одби тоа барање, и во историската битка близу Басијана, грузиската војска ја разби коалицијата на муслиманските владетели. Мудрото управување на благоверната царица Тамара ја привлече сенародната љубов. Последните години од животот ги помина во пештерскиот манастир Варѕиа. Благоверната царица имаше ќелија која имаше мало окно кон храмот, преку кое можеше да ги вознесува молитите кон Бога во време на богослужењето. Се упокои мирно во 1213 година и беше приброена кон ликот на светителите.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денеска е Откривање и пренос на моштите на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан: Прв ја пролеа својата крв за Исус

Кога злите Евреи го убија со камења Свети Стефан, го оставија неговото тело да го …