Фрлањето на знамето на земја од страна на Андреа на свеченото отворање ја вознемири земјата па граѓаните јавно ги изнесуваа своите ставови…Повеќето беа за враќање на Андреа но денес МРТ излезе со официјален став и образложи зошто е тоа невозможно. Но, пред тоа да ја видиме нашата мала анализа…
За учество на „Евросонг“ можат да се пријават само оние кои плаќаат членарина на ЕБУ. Годишна членарина во ЕБУ (Европска радиодифузна унија) изнесува 250.000 евра (сума за која пред неколку години МРТ нагласи дека ја нема). Оваа бројка често може да варира и се пресметува врз основа на неколку фактори, од кои главниот е потенцијалниот број на гледачи.
Износот од 250.000 евра е само за да се пријавиме за учество, а има и дополнителни трошоци…Пред се за делегацијата која ќе биде присутна на лице место, најчесто 10 до 14 дена – дали треба да нагласуваме дека јавноста не знае кој е се’ во делегацијата која ја претставува МРТ (Македонија) во Торино, Италија – а потребни се финансии (пари) за нивно сместување, храна, дневници, облека за изведувачот, шминка, кореографија, режисер како што тоа го прават сериозните телевизии.
На пример во 2016. година кога Холандија ја претставувал Дејв Боб, тоа националната телевизија ја чинело околу 500.000 евра (со вклучена годишна членарина во ЕБУ). Значи дополнителните трошоци не се мали…
„Македонската Радио Телевизија, по инцидентот кој што се случи за време на официјалната церемонија за отворање на ‘Евросонг 2022’, кога нашата претставничка Андреа Коевска го фрли македонското знаме на тиркизниот тепих и по првичното Соопштение кое што беше објавено по реакциите на јавноста, детално ги разгледа сите аспекти за евентуалното повлекување на нашата претставничка од Евровизија. Таквиот чекор во момент кога сите рокови за повлекување се поминати би предизвикал голема финансиска штета и други санкции кои што не се за занемарување. Имено, со откажувањето би се загрозилo и учеството и отстапувањето на телевизиските права на сите други настани кои што Јавниот сервис ги добива како членка на Европската радиодуфузна мрежа“, соопштија денес од МРТ.
Значи „се занимаваме со скап спорт“, резултати (забележливи) нема со години, освен успехот со Тамара Тодевска, а одговорност никаде. Некои по социјалните мрежи ја прозваа и шефицата на нашата делегација, која со години е присутна на овие манифестации, зошто не ја упатила Андреа во процедурата или пак реагирала кога стоела на неколку метри од неа.
Сосема природно е, ако од Андреа се бара да биде снимана без националното знаме, некој од делегацијата (на отворањето ги гледаме композиторот Александар Масевски, придружните вокали, и Мери Поповска кои стојат блиску до неа) да реагираше и да притрчаше и да го земе знамето. Поради тоа, вината не е само на Андреа туку и на сите што биле со неа…
Претставувањето на Андреа почнува од 55:40 минута во видеото.
Останува да го проследиме утрешниот настап на Андреа и по враќањето да ги видиме санкциите кои што од МРТ ги најавија во првото соопштение.
Андреа и се извини на македонската јавност за инцидентот со знамето, но се чини дека тоа не помина како што сите очекуваа:
Г.О.
Фото: Принтскрин/YouTube