Ферари ја пополни првата стартна линија во Мајами!

Возачот на Ферари, Шарл Леклер ја освои пол-позицијата пред Големата награда на Мајами, петта трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1.
Лидерот во генералниот пласман пред првата трка на улиците на Мајами дојде со одличен круг од 1:28.796 минути, со 19. стотинки предност пред тимскиот колега Карлос Саинс Јуниор. За Монегасканинот тоа е трета пол-позиција сезонава, а 12-та во кариерата, додека Ферари ја пополни првата стартна линија за прв пат по трката во Мексико во 2019 година.

Двоецот на Ферари го следеше бранителот на титулата Макс Ферстапен, кој заостана само пет илјадити делови од секундата зад Шпанецот.
Возачот на Ред Бул ја држеше првата позиција до самиот крај на квалификациите, но и Саинс и Леклер имаа фантастични кругови со кои му се закануваа. Во тоа им помогна и самиот Холанѓанец, кој погреши во последниот обид за брз круг. На Ферстапен малку му се закануваше и неговиот тимски колега Серхио Перез, кој беше 45 илјадити делови од секундата подалеку и мораше да се задоволи со четвртото место.


Најдобар меѓу другите беше возачот на Алфа Ромео, Валтери Ботас, со нешто помалку од седум десетинки зад Леклер. Финецот беше следен од седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, Пјер Гасли во болидот на Алфа Таури и возачот на Мекларен Ландо Норис, кои беа на неколку секунди од Леклер. Топ десет ќе бидат комплетирани на стартот од вториот возач на Алфа Таури, Јуки Цунода и Ленс Строл во Астон Мартин.

Најголемото изненадување во квалификациите беше елиминацијата на вториот возач на Мерцедес, Џорџ Расел, во вториот дел, бидејќи генерално од почетокот на викендот имаше многу подобар ритам од Хамилтон. Расел ја зазеде 12-та позиција, меѓу двајцата повеќекратни светски шампиони Фернандо Алонсо и Себастијан Фетел. Во тој дел од квалификациите завршија и Даниел Рикардо во вториот Мекларен и возачот на Хас, Мик Шумахер.
Во првиот дел немаше големи изненадувања, но како помало може да се окарактеризира елиминацијата на Кевин Магнусен во вториот Хас. Данецот ќе го заземе 16-тото место на стартот, пред Гуанџу Џоу во болидот на Алфа Ромео, кој беше забавен во обидот за брз круг, од дуото на Вилијамс, Алекс Албон и Николас Латифи и Естебан Окон во Алпин. Французинот не излезе ниту на патеката во квалификациите бидејќи неговиот болид беше премногу оштетен во инцидентот со Саинс на третиот тренинг.

View this post on Instagram

A post shared by FORMULA 1® (@f1)

Првата трка за Големата награда на Мајами во историјата започнува во недела во 21.30 часот, а можете да ја следите на Спорт Клуб ХД.

Фото: Принтскрин/Instagram

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Македонија ја победи Малта но со многу мака

Македонската фудбалска репрезентација со многу мака дојде до победа против Малта на стартот на квалификаците …