Почина исклучителниот новинар Слободан Петровиќ

Македонското журналистичко друштво остана денеска без еден од неговите извонредни членови – Слободан Петровиќ – Цобе почина на 78. години. Петровиќ беше заљубеник во две нешта во неговиот живот – во новинарството и планините. Во новинарството остави огромен белег како уредник на „Екран“ и „Пулс“, а во планините беше еден од најпосветените агитатори за пешање на ридовите, особено на онаа легендарна тура околу црквите и црквичињата (цели и разурнати) на висовите околу Матка.

Петровиќ беше новинарска рожба на на школата на „Нова Македонија“ во нејзините златни денови. Она што го истакнуваше од другите исто сјајни новинар е што имаше неверојатен усет за уредник. Тоа го покажа уште многу млад како уредник на „Екран“, кога овој магазин главно посветен на светотот на забавата го трансформираше во неделник кој сите го купуваа на трафиките. И во него наоѓаа работи каде што на друго место не можеа да ги најдат.


This image has an empty alt attribute; its file name is slobodan-petrovic-2.jpg

Неговото уредникување со „Пулс“, првиот вистински политички неделник во Македонија, е посебна успешна приказна. Тоа беше политички магазин според сите узанси на новинарството – со извонредна новинарска екипа и со добро структурирана содржина. Она што го објавуваше „Пулс“ во првите години на постоењето (кога уредник беше Цобе) и денеска се цитира кога аналитичарите сакаат да ги објаснат корените на некои политички збиднувања и развои.


Во својот текст за смртта на Цобе, познатиот новинар Звездан Георгиевски (член на екипата на „Пулс“) даде специфично толкување за новинарскиот сенс на Петровиќ: „Цобе беше еден од ретките комплетни новинари, кој знаеше дека пласманот на текстот и неговата опрема се подеднакво важни како и неговата содржина, дека нема добра содржина без добра форма. И обратно: не постои добра форма без добра содржина“.

This image has an empty alt attribute; its file name is slobodan-petrovic-1.jpg


Минатата година ја доби наградата „13 ноември“ на Град Скопје за публицистика за книгата самиздат со наслов „Од кандидат до лауреат“.

Фото: Facebook

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес е спомен на Светите апостоли Архип, Филимон и Апфиј

Светите апостоли Архип, Филимон и Апфија Архип беше еден од Седумдесетте. Апостолот Павле го спомнува …