Јубилејна 250. изведба на претставата „Црвенкапа” на Театарот за деца и младинци – Скопје

Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје, како единствена професионална институција за детска театарска продукција на претстави на македонски јазик, овој четврток (20.01.2021) ќе одбележи уште еден значаен јубилеј. Станува збор за 250. изведба на култната претстава ЦРВЕНКАПА, која 20-на години е една од најбараните претстави од нашиот репертоар.

Премиерната изведба на претставата ЦРВЕНКАПА се случи на 07.12.2001 година. Автор на драматизацијата е Александар Поповиќ, кој создаде уникатна верзија на познатата бајка од Шарл Перо, а режијата е на Димитар Христов. Цели 20-на години, претставата ЦРВЕНКАПА едуцира, забавува и поучува илјадници дечиња и денес истата продолжува да ги радува детските срца и да ја пренесува пораката за победата на доброто, чесноста, искреноста и пожртвуваноста.


This image has an empty alt attribute; its file name is crvenkapa-1.jpg

Од почетоците до денес, актерката Ана Левајковиќ – Бошков, се појавува како единствената Црвенкапа која неуморно и со посебен актерски сензибилитет ја толкува истоимената улога. Заедно со неа, од почетоците до денес публиката има можност да ги гледа брилијантните улоги на Владимир Лазовски, кој го толкува забавниот Волк и Драган Довлев, во улогата на Ловецот. Во останатите улоги, низ 20-те години се појавија повеќемина актери. На пример улогата на Иванка, другарката на Црвенкапа, во првите години ја толкуваше Олгица Христовска, а денес таа е во изведба на Винета Дамческа – Мојаноска. Билјана Драгичевиќ – Пројковска, во првите години на животот на претставата ја толкуваше улогата на Мајката на Црвенкапа, а денес таа улога ја толкува Катарина Илиевска – Силјановска. Несомнено свој голем придонес во претставата имаше и Катерина Крстевска, која долги години го толкуваше ликот на Бабата, а денес таа чест ја има нашата колешка Марија Ѓорѓијовска. Покрај нив во претставата периодично играле и Изебела Новoтни, Благој Чорески, Жаклина Стевковска и Благица Трпковска.


This image has an empty alt attribute; its file name is crvenkapa-2.jpg

На претставата работеа и Иван Ивановски, кој го направи преводот на текстот од српски јазик, заедно со посебните сонгови што се користат во истата. Сценографијата е на Живоин Трајановиќ, а костимите ги работеше Лира Грабул. Автор на музиката е Љупчо Мирковски, а кореограф е Сања Шутевска. Низ годините како инспициент на претставата беше Ѓурко Стојановски, а сега е во рацете на Ѓуро Дракулоски.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Во НУЦК „Трајко Прокопиев” Куманово ќе се одржи првиот „Меѓународен фестивал на прозата”

На 25 и 26 мај 2022 година во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев” …