Делата на Мерсад Бербер од утре (30.11) во галеријата „Ел Греко“

Со особено задоволство Ве информираме дека Уметничката галерија Ел Грекоја подготви изложбата на еден од најреспектираните уметници од поранешна Југославија – Мерсад Бербер, која ќе се отвори на 30 ноември, вторник, во 19.00 часот.

Мерсад Бербер на нашите простори за последен пат е претставен пред речиси 40 години. Оваа значајна индивидуа од поранешно југословенското уметничко милје е една од ретките фигури која постигнува меѓународна признаеност и кариера, негови дела се наоѓаат во бројни меѓународни колекции (јавни и приватни), меѓу кои треба да се истакне фактот што негови дела се откупени и изложени во Галеријата Тејт во Лондон од циклусот Hommage à Velásquez.


Мерсад Бербер е по потекло од Босна и Херцеговина, од малото место Босански Петровец. Тој постигнал одлични резултати во разновидни уметнички медиуми и дисциплини, од графиката, која му е специјализиран медиум, со стекнати знаења и обуки на до-дипломски и магистерски студии на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, а секако и во дисциплината на сликарство, цртеж, илустрација, сценографија, костимографија итн.  Неговата виртуозност во цртачката техника му ги овозможила успешните манипулации во сите останати техники и медиуми, со помош на која успевал да постигне деталност, мунициозност и прецизност, која ретко кој модерен уметник знаел да ја долови. Бербер се појавува на ликовната сцена во 60-те години на XX век и веднаш почнува да постигнува врвни резултати, да освојува многубројни меѓународни награди на престижни биеналиња и триеналиња за графика, кои постепено му го трасираат интернационалниот подем и визибилност во кариерата. Маестралноста на Бербер лежи во неговата одлична моќ да направи скенирање на најзначајните моменти од локалната, подалечна или поблиска, историја и традиција, како и на, за него, најзначајните примери на уметници и дела низ вековите, и истите да ги искомбинира, уметнички да ги трансформира и исколажира на мошне впечатлив, постмодерен начин кој оддишува со неверојатна моќ за поврзување на старото и новото, на Истокот и Западот, на класичното и современото, на исламското и христијанското, на ренесансата, нејзината обнова во нео-класицизмот, на експресионизмот и сецесиозмот и истите да ги преточи во современата цитатност и преобразба, низ дела кои освен со својата комплексна техничка постапка и сликарска (цртачка виртуозност) го носат и белегот на сижејна концентрираност во која се преплетуваат многуслојни поврзани, преклопени или кадрирани нивоа на читливост како полифонични панели.


Мерсад Бербер  е роден на 1 јануари 1940 година, Босански Петровац, а починал на 7 октомври 2012 година во Загреб. Годините од најраното детство и младост, поради воените околности, ги поминал во Бања Лука, каде што завршил основно и средно училиште. Веќе како средношколец илустрирал книги и списанија. Студирал во Љубљана на Академијата за ликовни уметности, 1959-1963 година, а дипломирал во класата на Максим Седеј. Во 1965 година ги завршува постдипломските студии по графика на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, во класата на професорот Рико Дебењак, а истата година ја има првата самостојна изложба во Градската галерија во Љубљана.Од 1968 до 1973 година предавал на Факултетот за применета уметност во Сараево, а во 1973 година бил назначен за доцент на тогаш новоотворената Академија за ликовни уметности во Сараево. Во 1980 година, Мерсад Бербер е избран за член на Комитетот за дизајн, при Олимпискиот комитет, за организација и подготовка на визуелниот идентитет на Зимските олимписки игри во Сараево – ЗОИ ‘84. Имал огромен број самостојни изложби низ целиот свет, а учествувал на многубројни групни изложби, локално и мешународно. Тој е добитник на голем број престижни награди и признанија на најзначајните меѓународни сликарски и графички изложби. Живеел и работел во Љубљана, Сараево, Загреб и Дубровник.

На изложбата ќе бидат претставени 23 графички листови, дел од нив во комбинирана техника, а дел во техниката glicée. Изложбата ќе биде поставена до 20 декември во галеријата Ел Греко на ул. Максим Горки 17.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Марија Апчевска, Наталија Теодосиевa и Ханис Багашов се македонските претставници на „Берлинале таленти“

Режисерката Марија Апчевска, филмската и театарска актерка Наталија Теодосиевa и режисерот и актер Ханис Багашов …