Денес е спомен на Светите маченици Тарах, Пров и Андроник: Светците кои не ја загубија вербата во Христијанството

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 12 октомври. Денеска е Св.
маченици Пров, Тарах и Андроник
.
Тарах беше родум од Клавдиопол во Сирија; Пров од Сида Памфилиска, а Андроник – син на угледен граѓанин од Ефес. Мачени беа сите тројца заедно од антипатот Нумериј Максим во времето на царот Диоклецијан. Во времето на мачењето, Тарах имаше шеесет и пет години. Кога антипатот трипати го праша за името, тој сите трипати одговори: „Христијанин“. Прво ги биеја со стапови, па крвави и ранети ги фрлија во затвор. Потоа повторно ги изведоа на мачење. Кога антипатот го советуваше Пров да се одрече од Христа, ветувајќи му почести од царот и нудејќи му го своето пријателство, светиот Пров одговори: „Ниту почестите на царот ги сакам ниту твоето пријателство.“ А кога на свети Андроник му се закануваше со уште поголеми маки, младиот Христов маченик му одговори: „Моето тело е пред тебе, прави што сакаш.“ После долготрајни мачења по разни места, овие тројца маченици ги фрлија во театар пред ѕверовите. Пред нив, едни други маченици во истиот театар беа растргнати од ѕверовите.


 

Но, на овие светители ѕверовите не сакаа да им наштетат, туку мечката и лавицата се
умилкуваа околу нив. Кога го видоа тоа, многумина незнабожци поверуваа во Христа и му се развикаа на антипатот. Бесен од лутина, и полут од ѕверовите, антипатот им нареди на војниците, та влегоа и со сабји ги искасапија мачениците на парчиња. Телата им останаа измешани со мртвите тела на останатите осуденици. И бидејќи беа измешани со другите, а ноќта беше темна и христијаните беа во недоумение како да ги распознаат телата на мачениците, Му се помолија на Бога и одеднаш се појавија три свеќи над телата на тројцата светители. Потоа, ги зедоа и чесно ги погребаа.


Преподобен Козма Мајумски
Родум од Ерусалим. Другар на свети Јован Дамаскин, чиишто родители го зедоа Козма како сираче и го одгледаа и воспитаа. Како монах му помагаше на свети Јован во составувањето на Октоихот. И самиот ги воспеа светителите со многубројни канони. Со особена убавина и длабочина се одликуваат неговите канони на Лазарова Сабота, на Цветници, на Страсната Седмица. Беше епископ во градот Мајум, близу Газа Палестинска. Го надживеа свети Јован Дамаскин и се упокои во длабока старост.

Свети Мартин епископ Турски
Роден во Панонија, во еден град на Штаерска, во 316 година, од родители незнабошци. Татко му беше римски офицер и со ова и младиот Мартин, наспроти неговата волја, беше даден на војничка служба. Но, тој веќе беше огласен во Христовата Црква, којашто ја љубеше со сето срце уште од раното детство. Една зима, патувајќи со другарите кон градот Амиен, виде пред капијата на градот еден просјак како речиси трепери од студ. Мартин се сожали, заостана од другарите, ја симна од себе војничката наметка, ја пресече со сабјата на две: едната половина му ја даде на просјакот, со другата се загрна и замина. Таа ноќ му се јави во сон Господ Христос Кој им рече на Своите Ангели: „Мартин е само огласен, а еве Ме облече со својата облека!“ Кога излезе од војската, Мартин веднаш се крсти, ја крсти и мајка си. Потоа се замонаши во епархијата на свети Илариј Поатиски и водеше живот полн со вистински подвиг. Беше извонредно смирен и заради смирението, Господ му даде изобилен дар на
чудотворство, така што и мртви воскреснуваше и зли духови изгонуваше. Наспроти неговата волја беше поставен за епископ во градот Тур. После многуплодната работа во лозјето Господово, после мачната борба со еретиците аријанци и незнабошците, свети Мартин Му ја предаде својата света душа на Господ во 397 година.

 

Преподобен Симеон Нов Богослов
Преподобниот Симеон Нов Богослов е роден во 946 година во градот Галата (Пафлагонија), во Мала Азија, во семејство на познати и богати родители. Се образуваше во Константинопол каде што татко му го подготвуваше за кариера на царскиот двор. Но, кога наполни 25 години тој почувствува призив за монашки живот, па го напушти царскиот двор и својот дом и се замонаши во Студитскиот манастир, каде што духовен раководител му беше прочуениот старец Симеон Богобојазливиот. Основен подвиг на преподобниот стана непрекинатата Иисусова молитва. Заради поголема молитвена сосредоточеност, тој постојано бараше да биде сам, па дури и на литургија стоеше одделно од браќата, а често остануваше сам во црква цела ноќ. За да се навикне на сеќавањето на смртта, поминуваше ноќи на гробиштата. Во 980 година преподобниот Симеон беше поставен за игумен на манастирот Свети Мамант и во тој чин помина 25 години. Околу 1005 година, тој му го предаде раководењето на манастирот на својот ученик Арсениј, а самиот се насели покрај манастирот. Во тоа време на спокојство, тој ги напиша своите прочуени богословски трудови, од кои еден дел е влезен во состав на „Добротољубието“. Неговото учење за новиот човек, за „обожението на плотта“ со која тој сакаше да го замени учењето за „умртвување на плотта“ (заради што и беше наречен Нов Богослов), беше тешко примано од неговите современици. Многу негови поуки им звучеа чудно и неразбирливо, што доведе до конфликт со високиот клир во Константинопол, па преподобниот Симеон се оддалечи на брегот на Босфор каде што ја основал обителта Света Марина. Мирно се упокои во 1021 година. Уште во текот на животот стекна дар на чудотворење.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ЦРНИ БРОЈКИ ВО БУГАРИЈА: Рекорден број на новозаразени со корона вирусот

БУГАРИЈА денеска пријавила рекордни 12.399 нови случаи на коронавирус за еден ден, покажуваат официјалните податоци, …