Денес е спомен на Преподобна Пелагија: Го остави блудот, богатството го подели на сиромашни и се посвети на Бога!

Покајана грешничка. Родена е како незнабошка во Антиохија. Од Бога имаше голем дар на телесна убавина, а ја употребуваше за погибел на својата душа и на други. Со блуд се имаше збогатено многу. Минувајќи еднаш покрај црквата на Светиот маченик Јулијан, во која проповедаше епископот Нон, таа намина во црквата и ја слушна проповедта за Страшниот Суд и казната за грешниците. И овие зборови толку ја потресоа и изменија, што одеднаш се згнаси од себеси, се исплаши од Бога, се покаја за своите нечисти гревови и припадна пред свети Нон со молба да ја крсти. „Смилувај се на мене, грешната, и крсти ме и научи ме на покајание; јас сум море од беззаконија, амбис на пропаста, мрежа и орудие ѓаволско.“ Така го молеше оваа покајничка со солзи Христовиот архиереј. И тој ја крсти. На Крштението ѝ беше кума блажената Романа, ѓаконисата на оваа црква, којашто потоа, како нејзина духовна мајка, добро ја утврди во христијанската вера. Но, Пелагија не беше задоволна само со Крштението. Чувствувајќи ја тежината на своите многубројни гревови и при голема грижа на совеста, се реши на голем подвиг. Своето огромно богатство собрано со грев им го остави на сиромасите и тајно отиде во Јерусалим, каде што под машко име, како монах Пелагиј, се затвори во една келија на Елеонската Гора и почна тежок подвиг на пост, молитва и бдеење. По три години ја посети ѓаконот на свети Нон, Јаков, и ја затекна сè уште жива, но кога по неколку дена повторно ја посети, го најде нејзиното тело мртво и чесно го погреба. Светата Пелагија се упокои околу 461 година. Така, оваа некогашна грешничка, со покајание и ревност Го смилостиви Бога, доби прошка за гревовите и се освети. Нејзината очистена и света душа се удостои со Царството Божјо.

Преподобна Таиса
Покајана грешничка. По потекло од Мисир. Како света Пелагија, и Таиса ја помина младоста во разуздан блуд. На тој зол пат беше упатена и од нејзината бесрамна мајка. Но, Бог Којшто е милостив и не ја сака смртта на грешниците ниту нивната пропаст туку спасението, најде начин со Својата чудесна Промисла да ја спаси грешната Таиса. Еден од учениците на свети Антониј Велики, Пафнутиј Сидонит, слушна за Таиса, за нејзиниот грешен живот и за душевниот отров со којшто таа им ги труеше душите на многумина, па реши, со Божја помош, да ја спаси. Пафнутиј се преоблече во световна облека, зеде еден златник и отиде в град, ја најде Таиса и ѝ го даде златникот. Мислејќи дека човеков ѝ го дава златникот за нечисто дело, Таиса го одведе Свети Пафнутиј во својата соба. Тогаш, тој ги отвори своите благодатни усни, ги изобличи нејзините гревови и ја повика на покајание. Душата и совеста на Таиса се разбудија и таа се облеа во солзи на длабоко срдечно покајание. Го раздаде сиот свој имот на бедните, според упатството на свети Пафнутиј се упати во еден женски манастир и остана таму три години, затворена во една келија, живеејќи само на леб и вода. Пред смртта ја посети свети Пафнутиј и наспроти нејзината волја, ја изведе од келијата. Таа набрзо се разболе и по кратко боледување Му ја предаде својата очистена и осветена душа на Бога. Светиот Павле Препрости, којшто е исто така ученик на свети Антониј Велики, ја виде во видение прекрасната обител приготвена од Бога во Рајот за светата покајничка Таиса. Оваа света душа се упокои во 340 година.


Светата маченичка Пелагија
Девица од угледен род во Антиохија. Во времето на царот Нумеријан, антиохискиот началник испрати војници да ја доведат пред судот Пелагија, како прочуена христијанка. Војниците ја опколија куќата и ја повикаа светата девица на вратата. Тaа им се јави и кога слушна дека дошле за да ја изведат на суд се правеше весела, па им рече да ја причекаат само миг-два да се качи за да се преоблече. Потоа се качи на покривот од куќата, ги крена рацете кон небото и долго Му се молеше на Бога да ѝ ја прими душата и да не допушти да се оскверни нејзината девствена чистота. И Бог ја прими нејзината душа, а телото падна мртво пред војниците. „Нејзината смрт“, пишува свети Јован Златоуст, „се изврши не како природен пад, но на заповед Божја“, па продолжува: „И така, ова девствено и од секое злато почисто тело лежеше на земја, го опкружуваа ангелите, го почитуваа архангелите, а Самиот Христос беше крај него“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

КОРОНА ВИРУС ВО МАКЕДОНИЈА – Регистрирани се 27. починати лица: Денес е потврден 1.861 нов позитивeн случај на Ковид 19

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 …