Рускиот „На работ“ и канадскиот „Врева“ – најдобри според средношколците на „Џифони Македонија“

 Рускиот филм „На работ“ (On the edge) во режија на Едуард Бордуков е најдобар филм според жирито на сениорите на 9. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Продуцентот на филмот Михаил Дегтиар беше гостин на фестивалот и синоќа на затворањето во Кинотеката се заблагодари за признанието што му го дадоа младите од Македонија на овој филм. Станува збор за еден од ретките филмови посветени на мечувањето како спорт и вечните прашања за падовите и подемите на спортистите.

Белгискиот филм „Момче од вселената“ (Space boy) во режија на Оливие Перу е најдобар долгометражен филм според јуниорското жири. Најдобар краток филм според учесниците во оваа категорија е рускиот „Првата линија“ на Катја Бугрова. Најдобар долгометражен филм кај кадетите е „Врева“ (Vacarme) на Неган Трудел од Канада, а најмногу гласови за краток филм доби „Ми се допаѓа Спајдермен, па што?“ на режисерот Федерико Микали. За најдобар краток филм сениорите го избраа 13-минутниот „Правила на првиот секс“ (First-time sex rules) на Полина Кондратева од Русија.

15-минутниот „Живото море“ на Ема Попоска која живее во Хонг Конг, беше најдобар филм направен од ученик. Сите добитници на наградите преку видеопораки им се заблагодарија на своите жирија.

Џифонци покажаа што сработиле во изминатите шест дена. Симбиоза на сите активности од работилниците беше сплотена во видео, а учениците во јуниорска категорија ја отворија вечерта со дел од мјузиклот „Мама миа“, за што се подготвуваа со менторката Лада Шоптрајанова-Петровска.

Лазар Нелковски и Марко Петровски, средношколци од Скопје, се следните претставници од македонското жири и ќе патуваат во Џифони во 2022 година. Тие не ја криеја радоста што ќе можат да се дружат со деца од цел свет и нивниот сон ќе се оствари.

-Рестрикциите не нè спречија да бидеме силни, да дојдеме на сите филмови, да дискутираме, да бидеме среќни – рече Лазар.

За Марко, ова издание било најдоброто досега. Тој учествуваше седми пат на фестивалот.

-Запознав многу нови пријатели, се видов со стари пријатели и врвот беше кога дознав дека јас сум еден од избраните што ќе одат во Џифони – вели тој.

Ним ќе им се придружат уште четворица млади што беа наградени во 2019 и во 2020 година, но поради пандемијата не можеа да отпатуваат во Џифони. Програмската директорка на фестивалот Деа Крстевска најави дека во наредните месеци ќе бидат избрани уште шест претставници од нашата земја во Џифони. Дотогаш Џифони ќе има и други активности и на тој начин ќе ги избере другите членови.

-Џифони е безбедно место каде што младите може да го кажат своето мислење и да се сретнат со своите врсници. На тој начин ниеден џифонец не се чувствува сам. Бидејќи мисијата е да им дадеме простор да се развијат во одговорни возрасни луѓе, ова издание го нарековме „Подобрувајќи го светот“ – рече Крстевска.

Гости на фестивалот кои држеа мастеркласови беа млади ентизијасти, страстни вљубеници во филмот, а секој од нив некогаш бил џифонец.

Фестивалот го затвори директорот Дарко Башески, кој најави богата програма за 2022 година и желба дека сите киносали повторно ќе бидат полни и така ќе се одбележи јубилејното 10. издание.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

 

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Од 27-31 октомври ќе се одржи шестото издание на МФФ Киненова

Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова Би сакал најнапред на истакнам дека сум поприлично горд …