Перформансот „Драга Републико” со премиера на 26 септември во зградата на Централната пошта 

Перформансот „Драга Републико” премиерно ќе биде изведен на 26 септември (недела) во 19.30 часот во зградата на Централната пошта во Скопје по што во 21.30 ќе следува концерт на Мухамед Ибраими. Перформансот ќе биде одигран и на 27 септември (понеделник) во 19.30 и во 22.00 часот; 29 септември (среда) во 19.30 и 22.00 часот; 30 септември (четврток) во 19.30 часот и на втори октомври (сабота) во 19.30 и во 22.00 часот. Влезот е бесплатен, но поради пандемијата со Ковид-19 бројот на гледачи е ограничен на 60 и резервациите на билети може да се на направат на мејл адресата artprojectskopje@gmail.com

Проектот се реализира со поддршка на Владата, а во рамки на јубилејот 30 години Независност.
По перформансите „Оваа зграда зборува (на)вистина” (добитник на Златна трига на Прашкото Квадриенале) и „Универзална во пламен” авторите Филип Јовановски, Кристина Леловац и Ивана Васева овој пат во соработка со кореографката Викторија Илиоска, реализираат нов перформанс од трилогијата посветена на модернистички згради во Скопје.
„Драга Републико” е перформанс есеј за објектот на Телекомуникацискиот центар во Скопје, кој е еден од најрепрезентативните модернистички објекти во земјава. Преку повеќемесечен истражувачки процес, перформансот оформи комплексен, интердисциплинарен и поетичен јазик кој се обидува да ги преиспита причините за товарот на денешницата и последиците од микро и макро скриените или видливи фашизми. Во основата е важноста на објектот, од поширока историска, општествено – политичка и уметничка перспектива, кој на симболичко ниво раскажува за постојаното присуство на кочничарите на нештата да го достигнат замислениот развој.
Низ зборовите на самото дело:  „Драга Републико, Духот на Вечниот фашизам секогаш е тука! Еве го дува, како ветрот на гробиштата! Еве го на плоштадот, меѓу толпата мускулести мажи, воини од гипс и железо, по гаќи, со пламен в рака, ене го во тупаниците кои ги удираат различните со крстот високо угоре, ене го зад булдожерите кои врз парковите градат приватни палати, ене го искри во пламените кои ги голтаат нашите шуми, нашите згради, нашите тела. Мораме да бидеме во состојба на постојано внимание за да не биде заборавена неговата тендеција на ирационалност, култ кон традиција и одбивање на било што прогресивно, различно и со тоа несогласливо, кое ја зголемува фрустрацијата и создава безброј идеи за завери и непријатели а со тоа и перманентно војување за да се докаже својата непобитност, својата величина и херојство, мачизмот и народството…”.

На „Драга Републико” работеа:
Филип Јовановски, уметник и развој на перформансот
Кристина Леловац, изведувачка и развој на перформансотИвана Васева, кураторка
Викторија Илиоска, кореографка и развој на перформансот
Емилија Чочкова, продуцентка
Дениз Ајдаревиќ, изведувач
Бранко Атанасов, изведувач
Симона Димковска, изведувачка
Нина Елзесер, изведувачка
Изабела Јакимова, изведувачка
Нела Павловска, изведувачка
Сандра Танчева, изведувачка
Дамјана Апостоловски, музичка соработничка и хористка
Мартин Блажевски, музички соработник и хорист
Мариана Бошковска, музичка соработничка и хористка
Шинаси Рамадан, музички соработник и хорист
Дино Хрџиќ, музички соработник и хорист
Иванчо Велков, сценски техничар
Миле Крстевски, сценски техничар
Владо Димоски, изработувач на сценографски елементи
Александар Јовановски, асистент во развој на перфроманс
Миа Николоска, асистент во развој на перформанс
Фото – Денис Сарагиновски

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Од 27-31 октомври ќе се одржи шестото издание на МФФ Киненова

Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова Би сакал најнапред на истакнам дека сум поприлично горд …