caver fb telekom robot

МСУ со голема изложба на најпрогресивните уметници од Југоисточна Европа

На 29 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена голема меѓународна изложба со наслов „Гледај тука сум без простор” (See me moving placeless) со дела од најрепрезентативни уметници од Југоисточна Европа, кои се дел од уметничката колекција со која располага Дојче Телеком.

Целта на оваа поставка е да ги осветли политичките пејзажи, социјалните случувања и да најде точка на кохезија во прикажувањето на политиката и уметноста од овој регион.

Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова, кои селектираа 40 тина од севкупната уметничка колекција (249 дела) со која располага Дојче Телеком, во чие депо се наоѓаат прогресивни, современи уметнички дела на повеќе од 70 автори од преку 20 земји од источниот и југоисточниот дел на Европа.

Кураторките селектираа 40тина дела од уметници како: уметничкиот колектив Словени и Татари; Дан Пержовски, Хортенсија Ми Кафчин и Ципријан Мурешан од Романија; Ева Котаткова, Чешка; Петрит Халилај и Флака Халити од Косово; Агњешка Полска, од Полска; Младен Стилиновиќ, Србијa; Јасмина Цибиќ, Словенија; Даница Дакиќ и Шејла Камериќ од Босна и Херцеговина; Игор Грубиќ, Сања Ивековиќ, Марко Тадиќ и Владо Мартек од Хрватска; Лучезар Бојаџиев, Недко Солаков, Мартина Вачева и Правдољуб Иванов од Бугарија; уметничко дуо „Мала Варшава” од Унгарија; Алевтина Какиџе и Володимир Кузнецов, Украина; Нилбар Гуреш и Бенгу Карадуман од Турција.

Меѓу современите автори, во колекцијата на Дојче телеком, се дела и од двајца исклучителни македонски уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска, чии дела ќе бидат вклучени во изложбата на МСУ.

Миграцијата е суштинско искуство на дваесет и првиот век. Конфликтите предизвикани од новите војни, транзициските неприлики и исклучувачките политики предизвикаа поместување на голем број луѓе на маргините од светот. Прашање за тоа дали постои нешто во посттранзициските држави што соодветно го третира минатото, за да ја прошири социо-политичката имагинација, да пропагира нови форми на меѓународна солидарност, и да обезбеди основа за продолжување во иднината е повеќе од релевантно. Оттука, претставените дела се политичка критика на „исклучувањето”, овозможувајќи им видливост и културно признавање на оние, кои се наоѓаат вон доменот на политиките, во и надвор од симболичните простори. Делата дозволуваат субверзивни врски, создавање алтернативни системи на ред, револт кон познатите системи и провокација за критичко размислување. Повеќе од кое било друго средство за шпекулирање, овозможуваат да патуваме напред и назад од нашата субјективна реалност, до консензус за посакувана, а можна сегашност. Намерата на изложбата е преку поврзување на естетиката и политиката да предложи нов наратив за регионот и да го редефинира начинот на перцепција на некогашните ситуации во нови прилики, кои поставуваат нов контра-распоред во културата”, велат Гаќина и Попова.

Со оваа изложба Музејот на современата уметност – Скопје се најде на мапата на светските современи културни центри, кои долгорочно и стратешки, активно и континуирано придонесуваат за вклучување на меѓународните креативни уметници и промовирање на меѓународната културна размена со Европа и пошироко.

Уметничката колекција на Дојче Телеком е иницирана во 2010 година со намера да колекционира современи дела од уметници од Источна и Југоисточна Европа, кои даваат приказ на состојбите, социјалните и политичките промени по падот на Железната завеса. Овие уметници го искусија процесот на општествениот пресврт и преку сопствената биографија. Тие се современи сведоци на драматичните големи и многу мали промени што општествата ги доживеале во последните три децении. Колекцијата се состои од дела кои се разновидни во медиумот во кој се работени, почнувајќи од цртеж до дигитални инсталации.

Изложбата ќе биде отворена до 21 ноември 2021 година.

Отворањето ќе се одржи според пропишаните актуелни владини мерки во услови на пандемија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Од 27-31 октомври ќе се одржи шестото издание на МФФ Киненова

Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова Би сакал најнапред на истакнам дека сум поприлично горд …