(ВИДЕО+ФОТО) Интервју со Александар Тодороски: „Овој моментум со Макфест морам да го искористам за промоција на моја, авторска музика и ветувам, нема да разочарам!“

Дојде виде победи, тоа можеме да го кажеме за Александар Тодоровски кој на јавноста досега и беше познат по неговите настапи со групата „Феникс“, но од оваа година и како победник на „Макфес“, човекот кој успеа да се претстави (како дебитант) а потоа и да победи…
Во денешното интервју ви ги претставуваме неговите импресии, но и размислувања за понатаму а во едно од нив вели – поп-музиката е сепак пазарен производ, а реално ние сме мал пазар. Затоа, со малку поголема организираност, државна стратегија и помош, нашиот талент лесно може да се најде на музичкиот пазар во регионот и да ја промовира не само македонската поп-музика, туку и македонската држава и култура воопшто. Но, за тоа ние треба прво дома да се организираме – Што друго откривме од Александар погледнете во интервјуто подолу…


Двојна победа – најуспешен како дебитант а потоа и во финалната вечер! Какво е чувството да се дојде – да се види и да се победи?
– Па изгледа дека е Veni, Vidi, Vici („дојдов-видов-победив“), но за мене воопшто не беше ниту лесно, ниту така супериорно, како што можеби на прв поглед изгледа. Сè што јас посакував е да пеам, да застанам на таа бина и да пеам, да испеам најдобро што можам, да дадам сè од себе и да се претставам во најдобро светло. Еве, и после толку време од победата, јас сè уште барам зборови достојни на тоа чувство на победа на Макфест и тоа на мојот прв настап! Посакувам секој да може да искуси таков посебен момент во животот, затоа што веројатно само така ќе може да се долови тоа чувство!

Студираш гитара, со „Под исто небо“ ги покажа и своите интерпретаторски можности. Што мислиш дека пресуди за победа со оглед на тоа дека оваа година на Макфест имаше и бројни досегашни победници?
– Да, студирам класична гитара на Музичката акaдемија, на УГД-Штип, но на живите свирки сум и вокал. Се надевам дека добро ја изведов песната, и верувам дека можеби тоа беше клучно. Конкуренцијата беше навистина голема на фестивалот, но публиката е таа којашто ја препозна песната, дозволи да допре до нив и го награди мојот труд. Уште додека ја изведував песната првата вечер се слушнаа аплаузи во публиката и тогаш знаев дека сум „ја погодил“. Тоа ме охрабри да дадам уште повеќе од себе во втората вечер.


Познавајќи го Ристо Самарџиев знам дека внимателно ги избира своите изведувачи. Како се случи соработката со него?
– Сосема спонтано… Но веројатно, така требало. Се запознавме на една приватна забава каде што јас настапував со мојата група Феникс, а тој беше поканет како специјален гостин. Во текот на вечерта заедно изведовме неколку негови песни, а на крајот од настапот тој го пофали моето пеење. Тоа ми ласкаше и тоа беше охрабрување за мене да ја искористам приликата да го прашам дали би ми направил песна за нашиот фестивал Макфест? Нормално, прашав срамежливо, сомневајќи се во неговата согласност, но, сепак неговиот одговор беше: „Со задоволство”! Останатото е историја…

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Тужба за СЗО: „Ми ја уништувате работата. Размислете …“

Сибирскиот претприемач ја има несреќата што неговата компанија се вика Омикрон и се занимава со …