Изложба „Допирот“: Тажната приказна на охридската јагула, доказ за надмоќта на човекот

Изложбата „Допирот“, која ја организираме во партнерство со Британскиот совет и „Лукс“, под кураторската палка на Ана Франговска,покрај мошне значајниот избор на дела со подвижни слики од Британската визуелна сцена (компилација составена од дела на Уриел Орлоу, Шарлот Проџер, Луис Хендерсон и Бен Риверс, сите сопственост на агенцијата „Лукс“, како и делото од колекцијата на Британскиот совет на Бедвир Вилијамс), вклучува и македонски автори, и тоа: Елпида Хаџи-Василева, Кристина Пулејкова и Велимир Жерновски.  Сите автори на свој специфичен, критички, но и поетски начин реагираат на разновидните прашања за мошне горливиот аспект на Идните екологии, видени низ разновидни призми. Тие дискурси се однесуваат на заштита на животната средина, на екологијата, на политиката, на надмоќта на човекот, на капитализмот, на медицинската индустрија, колонизација, деколонизација, еднаквост, права итн.

Делото „Место на спојување“ на авторката Кристина Пулејкова е базирано врз уникатната миграција на критично загрозената европска јагула. Следејќи го животот на две јагули кои потекнуваат од различни средини (едната живее во Охридско Езеро во Македонија, додека другата во реката Темза во Лондон, Обединетото Кралство), делото се обидува да исцрта паралели меѓу човечките искуства и оние на јагулата во поглед на миграцијата и самоостварувањето. За жал, охридската јагула е спречена да го остварува својот природен репродуктивен пат, бидејќи во 1962 година на нејзината траса била изградена брана спрема Република Албанија, а денес на таа линија се наоѓаат уште пет други брани. Оттогаш Охридско Езеро вештачки се мрести со јагули. Овој дискурс го поставува на сериозно рамниште прашањето за човековото влијание врз еколошките катастрофи, од една страна, а исто така и политичкиот удел, перспективите и платформите, од друга страна.

Преку интер и трансдисциплинарниот пристап кој комбинира уметност, наука и технологија, работејќи со подвижни слики, звук и инсталација, Пулејкова има за цел да изгради субјективни наративи засновани врз научни податоци и принципи. Проектот „Место на спојување“е чист пример на спекулативен прагматизам, бидејќи преку теоретско истражување и уметничко визуелно симулирање, таа нуди прагматична дискусија за екологијата, миграцијата и политиката воопшто.

„Место на спојување“говори за потрагата по заедничко тло, за човековото тежнеење да досегне една идилична состојба на заедништво, на разбирање, на свет без пречки и бариери, свет на компромиси и решавања на проблемите и ситуациите, а не нивно продлабочување. Со јазикот на визуелните прикази, Пулејкова ја проектира македонската перспектива и стремење кон европската иднина – слично како онаа на нашата јагула, со цел индивидуата да се реализира на ниво на едукација, работа или потрага по подобар живот, никогаш не заборавајќи го своето потекло, својот корен, својата припадност. И таа самата, како мигрант, ги живее предностите и недостатоците од битисување далеку од сопствената земја. Пулејкова ги собира искуствата од науката и сознанијата, ги преработува преку нови технологии, правејќи ги знаењата попристапни и потранспарентни, на тој начин директно поттикнувајќи продлабочени дискурси за општествено-политички состојби, екологија и други клучни проблеми на современите општества.

Проектот се отвора на 15 септември и ќе трае до 15 октомври.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Организиран превоз до Стоби за изложбата на Петар Хаџи Бошков

За оние кои сакаат да дојдат на отворањето на изложбата со дела од Петар Хаџи …