Делото „Silentio Pathologia“ на Елпида Хаџи-Василева, со кое ја претставуваше Македонија на 55. Венециско биенале во 2013 година, за првпат пред македонската јавност

Изложбата „Допирот“, која ја организираме во партнерство со Британскиот совет и „Лукс“, под кураторската палка на Ана Франговска, покрај мошне значајниот избор на дела со подвижни слики од Британската визуелна сцена (компилација составена од дела на Уриел Орлоу, Шарлот Проџер, Луис Хендерсон и Бен Риверс, сите сопственост на агенцијата „Лукс“, како и делото од колекцијата на Британскиот совет на Бедвир Вилијамс), вклучува и македонски автори, и тоа: Елпида Хаџи-Василева, Кристина Пулејкова и Велимир Жерновски.

Сите автори на свој специфичен, критички, но и поетски начин реагираат на разновидните прашања за мошне горливиот аспект на Идните екологии, видени низ разновидни призми. Тие дискурси се однесуваат на заштита на животната средина, на екологијата, на политиката, на надмоќта на човекот, на капитализмот, на медицинската индустрија, колонизација, деколонизација, еднаквост, права итн.

Елпида Хаџи-Василева со своето дело „Silentio Pathologia“ е дел од изборот на кураторот, а ова нејзино дело за првпат ќе ја добие својата македонска премиера по неговата презентација како претставник на павилјонот на Република Македонија на 55. Венециско биенале во 2013 година. Оваа мошне значајна презентација на Венециското биенале значеше постигнување на уште една висока цел во кариерата на оваа меѓународно призната уметница, но и проект со кој го привлече вниманието на меѓународната критичка јавност. Благодарение на тоа, на наредното биенале за визуелна уметност во Венеција, Хаџи-Василева беше поканета да го претставува павилјонот на Светата Столица – Ватикан, со исто така комплексен и грандиозен проект насловен „Haruspex“.

Проектот „Silentio Pathologia“ на Елпида Хаџи-Василева се осврнува на движењето, миграцијата и влијанието на средновековните чуми низ Европа и ја разгледува современата загриженост за меѓународните миграциски болести каква што е ковид-19. Ова амбициозно дело вклучува ткаена свила, кожурци од свилена буба, кожи од стаорци и завеси од челичен лим. Следејќи ја директно линијата на економскиот развој на трговијата со свила, може да се открие ширењето и размножувањето на една од најпознатите болести од тоа време, чумата. Прибегнувањето кон когнитивната примена на овој географски и историски феномен во проектот на Елпида Хаџи-Василева ја разгледува врската помеѓу социјалните и природните науки. Освен наративниот фундус на овој контекст, зад него стои вивисекција на парадигмата на пренесување како онтологија, пренос на информации (морфологијата на медиумите и нивната манипулативна моќ), пренесување на стоки, пренесување на идеи, луѓе, достигнувања, но и ширење на несакани ефекти од преносот – болестите воопшто (чумата е пример за тоа, но метафорички се однесува на сите генетски и синтетички произведени современи болести, како што се птичјиот и свинскиот грип и денешниот корона-вирус, со што ова дело добива и мошне актуелна димензија).

При создавањето на ова дело, Елпида Хаџи-Василева ниту повредила ниту имала намера да повреди некое живо суштество. Сите материјали од органско потекло (пред сѐ, белитеглувци) коигикористи се набавени од специјални фарми за бели глувци кои се одгледуваат за потребите на синџирот на исхрана на животни во зоолошките градини.

Проектот се отвора на 15 септември и ќе трае до 15 октомври.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Дина Дума откри дека вистински настан и бил инспирација за „Сестри“

Филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума го отвори 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“во Битола, …