Мирча Картареску, најпреведуваниот романски современ писател, е добитник на наградата „Прозарт”

Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан” ќе се одржи од 19 до 22 септември 

 Романскиот писател со карактеристичен наративен талент Мирча Картареску е добитник на наградата „Прозарт” за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан” од Скопје. Наградата ќе му биде врачена во Скопје, за време на 9. издание на фестивалот, што годинава ќе се реализира од 19 до 22 септември.

Лауреатот Картареску, којшто во последниве години често се споменува како сериозен кандидат во трката за Нобеловата награда за литература, во писмото до македонските медиуми изјавува:

-Во престижната награда „Прозарт” не  гледам како на признание за мојата литературна активност која ја остварив досега, туку како на знак на доверба за тоа што ќе направам отсега понатаму, еден бланко чек кој со голема почит ми го додели жирито. Затоа, оваа награда не е само голема радост, туку и голема одговорност, прилика за возбудa, но и немир, вели лауреатот по повод наградата.

-Таа ме обврзува да се обидам со сите сили да се покажам како достоен за неа. Наградата ти прави чест, но само ако и ти ѝ правиш чест нејзе, преку твоите напори да ја заслужиш. Не е едноставно да бидеш писател, но уште потешко е да бидеш романски писател. Ти треба многу упорност и многу шанси твоите книги да бидат прифатени и надвор од границите на твојата држава. Преку твојата книжевност и културата на која ѝ припаѓаш, треба да ги преиспиташ историските катастрофални хендикепи, треба да се бориш со предрасудите и клишеата што се однесуваат на твојот имиџ во светот, треба да докажеш  дека не си културен провинцијалец, дека не пишуваш за некаква матна историја и питорескни обичаи, туку дека твојата проблематика се наоѓа во центарот на размислувањата и медитациите за литературата и судбината на човекот во рамките на европската цивилизација – вели Картареску.

Во својата порака тој продолжува:

Треба да се соочиш со чудната амнезија на западниот свет, која те заборава, само неколку месеци по објавувањето на твојата книга и повторно се запознава со тебе кога се објавува следната, како никогаш порано да не те сретнал. Но, сите овие недостатоци се потполно компензирани со радоста на пишувањето, со сознанието дека преку твоето писмо, си придонел малку кон убавината на светот.

Во одлуката за доделување на наградата на Картареску, претседателот на Oдборот за доделување на наградата, Ермис Лафазановски напиша:

-Одборот за доделување на наградата „Прозарт”, едногласно одлучи да ја додели наградата „Прозарт” на Мирча Картареску, романски писател со карактеристичен наративен талент чија проза во почетокот на 21 век се наметнува како моќен глас во контекст на современата европска литература. Картареску е најпреведуваниот современ романски автор чиј неоспорен квалитет се докажува особено со неговата позната трилогија  „Заслепување”, што не само што е преведена на скоро сите европски јазици, туку е и универзално книжевно достигнување.

Мирча Картареску е добитник на голем број престижни домашни и меѓународни награди, меѓу кои најважни се: Меѓународната награда за литература Виленица 2011; Меѓународна награда за литература Берлин 2012; Награда за најдобра книга преведена во Шпанија во 2014 година; Австриската државна награда за литература (2015); Лајпцишката награда за книга за европското разбирање (2015); Наградата „Томас Ман” во Германија (2018)…

Надвор од границите на Романија, Картареску брои десетици преводи на неговите книги, а меѓународните критичари велат дека тој во моментов го претставува најдоброто од европската литература.

Мирча Картареску е редовен професор на Универзитетот во Букурешт и новинар. Член е на на Сојузот на писателите на Романија и романскиот ПЕН.

Поддржувачи на фестивалот се: „Традуки”Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, Спона, Кинотека...

Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа”.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Дина Дума откри дека вистински настан и бил инспирација за „Сестри“

Филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума го отвори 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“во Битола, …