Охрид, од 7-9 август проекции од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ

ИДНИТЕ ЕКОЛОГИИ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот НИЕ СМЕ ТУКА: програма за уметност на подвижни слики од колекцијата на Британскиот совет и ЛУКС, курирана од Тендаи Џон Мутамбу и развиена од Британскиот совет, меѓународна организација на Обединетото Кралство за културни односи и образовни можности (britishcouncil.mk), и LUX, меѓународна уметничка агенција која ги поддржува и промовира практиките на уметниците со подвижни слики (lux.org.uk). Секоја од програмите на НИЕ СМЕ ТУКА, истражува теми како што се национален идентитет, маргиналност, интимност, иднина и архивирање. Во серијата се обработуваат дискурси за влијанието на оваа тема кај младите, но и кај етаблираните современи уметници со седиште во Велика Британија или Обединетото Кралство, истражувајќи ги преку биографија, документарци, поезија и фантастика.

На Западен Балкан, ИДНИ ЕКОЛОГИИ е претставена преку програма на изложби, проекции и јавни настани, курирани од шест куратори од регионот. Во основата на програмата e размената со Велика Британија и дискусии за широк спектар на публика.

Проектот започна на почетокот на 2020 година, кога се одржа отворен повик за куратори, по што македонската кураторка Ана Франговска, заедно со останатите куратори Елијан Стефа од Албанија, Армина Пилав од Босна и Херцеговина, Енгел Бериша од Косово, Наталија Вујошевиќ од Црна Гора и Наталија Пауниќ од Србија, беа избрани да изработат изложбени концепти за нивните земји.

Загадувањето, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори се вознемирувачка реалност и на Западен Балкан. Од почетокот на проектот, екологијата се појави како тема што го обединува регионот, така што намерата на оваа програма за подвижни слики е да се иницираат разговори на тие клучни теми.

Македонскиот концепт на кураторката Ана Франговска е насловен „Допирот” и е петтата изложба во низата изложби на проектот ИДНИ ЕКОЛОГИИ во Западен Балкан. „Допирот” се однесува на „смртоносниот” допир на човекот кој остава зад себе, свесно или несвесно, голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта.

Програмата НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ се состои од компилацијата од четири дела со подвижни слики од колекцијата на „Лукс”: Уриел Орлоу, „Muthi”, 2016; Луис Хендерсон, „All That is Solid”, 2014; Шарлот Проџер, „LHB”, 2017; Бен Риверс, „Urth”, 2016 и ќе бидe претставенa во рамки на македонскиот проект „Допирот” заедно со делото на Бедвир Вилијамс „Ѕвезден гласник”, 2013, дел од колекцијата на Британскиот совет.

„Допирот” вклучува и тројца македонски уметници и проекти кои се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, маргинализација, правење убавина од грдото итн., и тоа: Кристина Пулејкова со проектот со подвижни слики и видео во виртуелна реалност „Место на спојување”, Велимир Жерновски со мултимедијалната инсталацијата „Зад црнилото” и Елпида Хаџи-Василева со комплексната просторна инсталација „Silentio Pathologia”.

Со цел да се децентрализира и да се прошири пораката на проектот како суштински исход, две дела со подвижни слики од проектот „Допирот”, и тоа „Ѕвездениот гласник” на Бедвир Вилијамс и „Место на спојување” на Кристина Пулејкова, ќе бидат претставени во Охрид, како најава на главната изложба, во јавен простор, пред Центарот за култура „Григор Прличев”. Проекциите ќе се одвиваат последователно три дена, на 7, 8 и 9 август, со почеток во 20:30 часот.

Брзите, визуелно немилосрдни, наративни филмови на Бедвир Вилијамс се базираат врз социјално набљудување и повторно замислување, како и врз сопственото позиционирање во двата света (реалниот и фантастичниот). Во „Sвездениот гласник”, направен за неговата соло презентација што го претставуваше Велс на Биеналето во Венеција во 2013 година, Вилијамс размислува за врската помеѓу микрокосмосот во под од една тераса и бесконечниот простор околу нас. Од гледачот се бара да се замисли себеси како мало парче камен заробено во еден комплексен систем.

Кристина Пулејкова, „Место на спојување”, 2021

„Место на спојување” на Кристина Пулејкова, пак, е прекрасна визуелна нарација, чија тематика е директно поврзана со Охрид и загрозената охридска јагула, која поради поставените 6 електрични брани во изминатите 60 години не е во можност да ја остварува својата природна репродукција и да го спроведе „свадбениот пат” до Саргаското Море. Уметничката нарација предадена преку кореографски танц на две индивидуи (кои асоцираат јагули), надополнети со компјутерски анимации, на мошне непосреден и бајковит начин ја пренесуваат конверзацијата меѓу две јагули, едната од Британија, од реката Темза, а другата од Охрид.

Овие два мошне интересни и визуелно елоквентни проекти ќе ја збогатат и летната уметничка програма на Охрид, а секако ќе бидат одличен поттик за ширење на свеста за екологијата и заштитата на животната средина, теми кои се од особена важност во последните години, а со особен интензитет го зафаќаат и визуелно-концептуалниот вокабулар на уметноста и културата како значајни посредници со публиката.

Главната изложба ќе се отвори на 15 септември, во Мултимедијалниот центар „Мала станица” и ќе биде поставена до 15 октомври. Ќе биде придружена со голем број активности со помош на кои ќе се продлабочи дебатата околу мошне актуелното и горливо прашање за заштита на животната средина и развивање на свеста со помош на уметноста како медиум, и тоа: разговори со уметниците и кураторите, панел-дискусии, работилници за млади и возрасни, конференции, интердисциплинарни соработки помеѓу дивергентни факултети итн.

Бедвир Вилијамс „Ѕвезден гласник”, 2013.

Проектот е овозможен благодарение на Британскиот совет и „Лукс”, а е потпомогнат и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Организиран превоз до Стоби за изложбата на Петар Хаџи Бошков

За оние кои сакаат да дојдат на отворањето на изложбата со дела од Петар Хаџи …