Денеска е спомен на Светиот пророк Језекиил: Пророк со страшни и нечуени виденија!

Син на свештеник од градот Сарира. Одведен во ропство во Вавилон со царот Јехонија и со многу други Израилци. Живеејќи во ропство Езекил пророкуваше дваесет и седум години. Беше современик со пророкот Еремија. И додека Еремија учеше и пророкуваше во Јерусалим, Езекиил учеше и пророкуваше во Вавилон. Пророштвата на Еремија ги дознаваа во Вавилон, а пророштвата на Езекиил во Јерусалим. Пророштвата на обајцата свети мажи се совпаѓаа. И обајцата беа наскрбувани и мачени од неверниот род еврејски. Пророкот Езекиил имаше страшни и нечуени виденија. На реката Ховар ги виде небесата отворени, облак, оган и блескање и четири животни како растопен бакар. Едното животно имаше лице човечко, другото лице на лав, третото телешко, а четвртото орловско. Човечкото лице Го означува Господа воплотен како човек, лавовското го означува Неговото Божество, телешкото Неговата жртва, орловското лице го претставува Неговото воскресение и вознесение.
Другпат му се покажа слика на воскресението на мртвите. Пророкот виде долина полна со суви мртовечки коски и кога над нив слезе Духот Божји сите мртовци оживеаја и застанаа на своите нозе. Ја виде уште и најстрашната пропаст на Јерусалим, кога гневот Божји покоси се освен оние што отпорано беа обележани со грчкиот знак наречен Тав, а тој знак е како нашата буква Т, што, пак, е знак на крстот. Злобата на Евреите не го поштеди ниту овој свет маж. Огорчени на него затоа што ги изобличуваше, Евреите го врзаа за опашки на коњи и така го растргнаа. Погребан е во гробницата на Ноевиот син Сим.
Преподобните Симеон и Јован
Како млади луѓе ги оставија домот и татковината. Симеон остави стара мајка, а Јован млада сопруга. Во манастирот на Свети Герасим примија монаштво од игуменот Никон и се оддалечија во пустината, каде во најтешки подвизи поживеаја многу години. Телата си ги умртвија во мнгоубројни подвизи и беа како две суви дрва. Еден ден Симеон му рече на Јован: „Чувај го своето срце од сe што ќе видиш во светот. До што ќе се допре твојата рака нека не се допира срцето твое. Кога ќе јаде устата, срцето нека не се насладува. Кога ќе одат нозете, внатре во тебе да биде мир. И што и да правиш однадвор, твојот ум нека пребива невознемирен. Моли Го Бога за мене, да не нe разлачи Бог еден од друг во идниот живот“. Свети Симеон го прими советот на својот другар, го целива и потоа ја напушти пустината и појде како јуродив да ги научи луѓето и да ги обрати кон верата Христова. Пред луѓето се правеше луд, срцето му беше храм на Светиот Дух, а во тој храм непрестаната молитва. Имаше изобилна благодат Божја, па проѕираше во сите човечки тајни во близина и надалеку, ги исцелуваше луѓето од злите духови и од други беди. Играјќи по улиците како луд, им приоѓаше на луѓето и им шепотеше за нивните гревови на уво и ги повикуваше на покајание. Дури и на сон им се јавуваше на грешници, ги укоруваше за гревовите и ги повикуваше на покајание. Така на некој незнабожечки глумец Балиј, кој јавно ги исмеваше христијанските светости, Свети Симеон му се јави во сон и го искара и му се закани, та овој се покаја и стана добар христијанин. Некој блуден младич се симнал од умот преку блудот. Свети Симеон го виде како лудува и го удри со раката по образ, велејќи му: „Не врши прељуба!“ Во тој миг нечистиот дух излезе од младичот, а младичот стана здрав.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

МЗ: Регистрирани се 81 нови лабораториски позитивни случаи на Ковид 19 – Нема пријавено починати лица

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 …