ОБЈАВЕН НОВ БРОЈ НА СПИСАНИЕТО „СТРЕМЕЖ“ 

Новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“1 за 2021 деновиве излезе од печат. Бројот тематски е посветен на одбележување на 100-годишнината од раѓањето на великаните Блаже Конески и Коле Чашуле.

Во рубриката Разговор со Конески објавени се прегледи, студии, осврти и сеќавања на творештвото и ликот на Конески од авторите: Катица Ќулавкова, Санде Стојчевски, Димитар Пандев/Марија Пандева, Миле Спирковски, Игор Поп Трајков и Снежана Каратошеска. Застапена е и поезија и проза на повеќе автори кои со почетните текстови се обраќаат на Конески и неговото дело: Христо Петрески, Филиз Мехметоглу, Весна Ацевска, Љубица Трајкоска, Мирјана Недева и Тања Аждаја.

Во рубриката Дијалози со Чашуле читателите можат да ги  прочитаат првпат и постхумно објавениот расказ на Коле Чашуле „Незабошотеното кафе“, анализи и записи за неговото драмско творештво од авторите Ацо Гогов, Ана Стојаноска, Иво-Митев-Жиле и Каролина Мицевска, како и книжевни текстови инспирирани од неговиот лик и дело на Сузана Ѓорѓиевска и Сашо Димоски.

Рубриката Поезија на летниот број го претставува поетскиот циклус „Поле на волшепства“ на поетот академик Влада Урошевиќ.

Во рубриката Златен венец на Струшките вечери на поезијата застапена е поезија на овогодинешниот лауреат – поетесата Керол Ен Дафи.

Рубриката Препеви, преводи донесува прва објава на македонски јазик на поезијата на реномираниот турски поет Метин Елоглу во препев на Филиз Мехметоглу, а исто така и песни од новиот италијански глас, младиот поет Џерардо Масучо препеани од Наташа Сарџоска.

Во рубриката Критики, есеи, студии објавен е есејот „Силјан Штркот како втемелувачки национален наратив“ на Елизабета Шелева во кој се изнесени согледби и книжевни и вонкнижевни паралели меѓу текстовите на Марко Цепенков, Митко Маџунков и македонската актуелна стварност (на егзистенцијален и идентитетски план).

Списанието „Стремеж“ го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Дина Дума откри дека вистински настан и бил инспирација за „Сестри“

Филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума го отвори 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“во Битола, …