Националната галерија на Репубика Северна Македонија: ДОПИРОТ, дел од проектот НИЕ СМЕ ТУКА – ИДНИ ЕКОЛОГИИ

Британскиот совет, агенцијата „Лукс” и кураторот Ана Франговска, во соработка со Националната галерија на Репубика Северна Македонија, со особено задоволство го најавуваат проектот под наслов „Допирот”, дел од НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ

ИДНИ ЕКОЛОГИИ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот НИЕ СМЕ ТУКА: програма за уметнички подвижни слики развиена од Британскиот совет и „Лукс” (LUX), агенција за уметност со седиште во Лондон, која ги поддржува и промовира уметничките дела со подвижни слики. Секоја од програмите е курирана околу темите национален идентитет, маргиналност, интимност, иднина и архивирање. НИЕ СМЕ ТУКА обработува дискурси за влијанието на оваа тема кај младите, но и кај етаблираните современи уметници со седиште во Велика Британија или Обединетото Кралство, истражувајќи ги преку биографија, документарци, поезија и фантастика. Куратор на програмите е Тендаи Џон Мутамбу.

ИДНИ ЕКОЛОГИИ се состои од компилација од 4 дела со подвижни слики, и тоа: Уриел Орлоу, „Muthi”, 2016; Луис Хендерсон, „All That is Solid”, 2014; Шарлот Проџер, „LHB”, 2017; Бен Риверс, „Urth”, 2016, сите сопственост на „Лукс”. Покрај претходните, од понудените изборни дела со подвижни слики од колекцијата на Британскиот совет, дел од „Идни екологии”, во македонскиот концепт на проектот во „Допирот” ќе се вклучи и делото на Бедвир Вилијамс „Ѕвезден гласник”, 2013.

Загадувањето, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори се вознемирувачка реалност и на Западен Балкан. Од почетокот на проектот, екологијата се појави како тема што го обединува регионот, така што намерата на оваа програма за подвижни слики е да се иницираат разговори на тие клучни теми.

Во основата на овој проект лежи размената со Велика Британија преку изложби и разни други последователни настани наменети за пошироката публика.

Проектот започна на почетокот на 2020 година, кога се одржа отворен повик за куратори, по што македонската кураторка Ана Франговска, заедно со останатите куратори Елијан Стефа од Албанија, Армина Пилав од Босна и Херцеговина, Енгел Бериша од Косово, Наталија Вујошевиќ од Црна Гора и Наталија Пауниќ од Србија, беа избрани да изработат изложбени концепти за нивните земји.

Македонскиот концепт на кураторката Ана Франговска е насловен „Допирот” и е петтата изложба во низата изложби на проектот ИДНИ ЕКОЛОГИИ во Западен Балкан. „Допирот” се однесува на „смртоносниот” допир на човекот кој остава зад себе, свесно или несвесно, голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта. Покрај изборот на дела со подвижни слики од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ, вклучени се и тројца македонски уметници и проекти кои се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, прифаќање на другиот во општеството, правење убавина од грдото итн., и тоа: Кристина Пулејкова со проектот со подвижни слики и видео во виртуелна реалност „Место на спојување”, Велимир Жерновски со мултимедијалната инсталацијата „Зад црнилото” и Елпида Хаџи-Василева со комплексната просторна инсталација „Silentio Pathologia”.

Со цел да се децентрализира и да се прошири пораката на проектот како суштински исход, две дела со подвижни слики од проектот „Допирот”, и тоа „Ѕвездениот гласник” на Бедвир Вилијамс и „Место на спојување” на Кристина Пулејкова, ќе бидат претставени во Охрид, како најава на главната изложба, во јавен простор, пред Центарот за култура „Григор Прличев”. Проекциите ќе се одвиваат последователно три дена, на 7, 8 и 9 август, со почеток во 21:00 часот.

Брзите, визуелно немилосрдни, наративни филмови на Бедвир Вилијамс се базираат врз социјално набљудување и повторно замислување, како и врз сопственото позиционирање во двата света (реалниот и фантастичниот). Во „Sвездениот гласник”, направен за неговата соло презентација што го претставуваше Велс на Биеналето во Венеција во 2013 година, Вилијамс размислува за врската помеѓу микрокосмосот во под од една тераса и бесконечниот простор околу нас. Од гледачот се бара да се замисли себеси како мало парче камен заробено во еден комплексен систем.

Кристина Пулејкова, „Место на спојување”, 2021

„Место на спојување” на Кристина Пулејкова, пак, е прекрасна визуелна нарација, чија тематика е директно поврзана со Охрид и загрозената охридска јагула, која поради поставените 6 електрични брани во изминатите 60 години не е во можност да ја остварува својата природна репродукција и да го спроведе „свадбениот пат” до Саргаското Море. Уметничката нарација предадена преку кореографски танц на две индивидуи (кои асоцираат јагули), надополнети со компјутерски анимации, на мошне непосреден и бајковит начин ја пренесуваат конверзацијата меѓу две јагули, едната од Британија, од реката Темза, а другата од Охрид.

Овие два мошне интересни и визуелно елоквентни проекти ќе ја збогатат и летната уметничка програма на Охрид, а секако ќе бидат одличен поттик за ширење на свеста за екологијата и заштитата на животната средина, теми кои се од особена важност во последните години, а со особен интензитет го зафаќаат и визуелно-концептуалниот вокабулар на уметноста и културата како значајни посредници со публиката.

Главната изложба ќе се отвори на 15 септември, во Мултимедијалниот центар „Мала станица” и ќе биде поставена до 15 октомври. Ќе биде придружена со голем број активности со помош на кои ќе се продлабочи дебатата околу мошне актуелното и горливо прашање за заштита на животната средина и развивање на свеста со помош на уметноста како медиум, и тоа: разговори со уметниците и кураторите, панел-дискусии, работилници за млади и возрасни, конференции, интердисциплинарни соработки помеѓу дивергентни факултети итн.

Проектот е овозможен благодарение на Британскиот совет и агенцијата „Лукс”, а е потпомогнат и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Бедвир Вилијамс „Ѕвезден гласник”, 2013.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Дина Дума откри дека вистински настан и бил инспирација за „Сестри“

Филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума го отвори 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“во Битола, …