Денеска се слават Светите маченици Козма и Дамјан: Лекари и чудотворци!

Лекари, бесребреници и чудотворци. Овие двајца светители беа родени браќа, родум од Рим, уште како деца крстени и воспитани во христијански дух. Имаа голема благодат од Бога да ги лечат луѓето и животните од секоја болест и мака, и тоа со едноставно полагање на рацете врз нив. За својот труд не бараа никаква награда, од болниот бараа единствено да поверува во Господ Исус Христос. Наследија голем имот, но го раздадоа милостиво на бедните и неволните. Во тоа време во Рим царуваше царот Карин. Пред него гонителите на христијанството ги доведоа овие свети браќа оковани во синџири. По долго испрашување царот им нареди да се одречат од Христа, а да им принесат жртви на идолите. Но, Козма и Дамјан не само што не го послушаа царот туку уште и му посоветуваа и самиот да отстапи од мртвите идоли и да Го признае единствениот вистински Бог.


„Нашиот Бог не е создаден, туку е Создател на сè, а вашите богови се човечки измислици и дела од рацете на уметниците. И да ги немаше уметниците да ви ги направат тие богови, вие не би имале пред што да се поклонувате.“ После чудото извршено над самиот цар – бидејќи чудесно го исцелија од една тешка мака – царот и самиот ја изјави својата вера во Христа и ги пушти браќата во мир. А тие продолжија да Го слават Господа и да исцелуваат болни, а и самите беа од народот прославувани на сите страни. Им позавиде на славата еден лекар, којшто некогаш им беше учител и под изговор заедно да појдат да берат лековити билки ги однесе в планина, па ги уби со камења. Чесно пострадаа за верата Христова во 284 година. Нивниот спомен остана траен во Црквата на земјата, а душите им се преселија во Царството Божјо, за да живеат вечно во слава и радост.

Светиот принц-маченик Ерминигелд
Син на готскиот цар Лувигелд, којшто се држеше за Ариевата ерес. И покрај сите ласки и закани на својот татко еретик, Ерминигелд не отстапи од Православието. Татко му го фрли во затвор и на Воскресение рано испрати некој епископ еретик за да го причести. Но, Божјиот угодник не сакаше да прими причест од раце на еретик, за што овој го извести царот. Царот се налути и нареди, па на Ерминигелд џелатите му ја отсекоа главата, во 586 година. Подоцна Лувигелд се покаја што си го уби синот, се одрече од ереста и се врати во Православие.


Преподобниот маченик Јаков со учениците Јаков и Дионисиј
Роден е во Костурската епархија, од родителите Мартин и Параскева. Работејќи со овци, Јаков се збогати и со тоа предизвика завист кај својот брат, којшто го наклевети кај Турците дека нашол некое скриено богатство закопано во земја. Јаков побегна во Цариград, каде што повторно се збогати. Еднаш му беше гостин на некој турски бег. Турците јадеа месо, а Јаков постеше. Тогаш му рече оној бег: „Голема е вашата христијанска вера“. И раскажа дека неговата жена била умоболна и дека после сите лекари и лечења на крајот ја одвел кај патријархот за да ѝ прочита молитва. Штом патријархот ја отворил книгата за да ѝ чита, низ храмот светнала некоја небесна светлина. По завршувањето на молитвата, жената оздравела. Кога слушна Јаков како Турчинот ја фали христијанската вера, го раздаде сиот свој имот и отиде на Света Гора, каде што се замонаши во манастирот Ивер. Се подвизуваше на Света Гора, а пострада за верата од Турците во Едрене на 1 ноември 1520 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во манастирот на Свети Анастасиј, во Галачист, близу Солун.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

СЗО ОБЈАВИ: Омикрон откриен во 38 земји, нема смртни случаи

Варијантата ОМИКРОН на корона вирусот е откриена во најмалку 38. земји во светот, но сè …