„Антолог“ го објави романот „Потекло“ од Саша Станишиќ

Издавачката куќа Антолог од Скопје со големо задоволство соопштува дека во рамките на проектот Храбри нови зборови, прекрасни нови светови Europe is BRAVE NEW WOR(L)DS ја објави книгата  ПОТЕКЛО од босанско-германскиот автор Саша Станишиќ 

  

„Потекло”, третиот роман на Саша Станишиќ, добитник на најзначајната грманска книжевна награда „Deutscher Buchpreis” за 2019 година, е вонсериско дело што освојува на прво, второ и на секое следно читање. Авторот раскажува за своето детство во родниот Вишеград, созревањето во германскиот Хајделберг и доаѓањето во посета кај својата болна баба во Босна. Ова е роман на сеќавања и спомени, во кој писателот сопственото искуство го преплетува со семејни анегдоти, градејќи ја одново приказната за своето семејство. Ова е и роман за шареноликиот свет на дијаспората, каде што потеклото истовремено е и битно и небитно. Но пред сè, ова е роман за љубовта, трогателно опростување од саканата баба, која тоне во деменција.

„Вака стојат нештата: земјата во која сум се родил денес веќе ја нема. Додека постоеше, се сметав себеси за Југословен. Како и моите родители: татко ми – Србин, a мајка ми – од бошњачко муслиманско семејство. Бев дете на мултиетничка земја, плод и исповед на двајца луѓе што се сакале и кои југословенскиот melting pot ги ослободил од притисокот на различното потекло и религија”, пишува Станишиќ во романот.

Топол, близок, духовит и живописен роман, кој ја плени германската публика, а веќе почна да го освојува и Балканот.

„За разлика од други постјугословенски автори што ја создаваат својата книжевност во тесните, зададени рамки на идентитетскиот кафез, Станишиќ сам отвора рамки и дефинира идентитети”, коментира во својата рецензија за романот познатиот книжевник Миљенко Јерговиќ.

  

Саша Станишиќ (1978) е босанско-германски писател. Роден е во Вишеград oд мајка Бошњачка и татко Србин. Во 1992 година пребегнуваат во Германија. Студирал славистички студии во Хајделберг. Со првата книга дебитира во 2006 година. Добитник е на голем број награди и преведен е на триесетина јазици. За „Потекло” ја добива најзначајната книжевна награда во Германија, што од него прави книжевна ѕвезда. 

Во изданието на „Потекло” на македонски јазик преводот од германски е дело на Елена Конеска Светиеваа графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската УнијаМинистерството за култура на Република Северна Македонија и книжевната мрежа Традуки.

 

За преведувачката: Елена Конеска Светиева е родена во Прилеп во 1980 година. Основно и средно образование завршува во родниот град, а студиите по германски јазик и книжевност ги завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје на групата за Германски јазик и книжевност во 2002 година. Во 2009 година магистрира на истиот факултет со трудот на тема „Интерпретација на телото и телесното во романите на Елфриде Јелинек”. Како постдипломец престојува на краток студиски престој на универзитетот „Карлс Рупрехт” во Хајделберг, СР Германија. На македонски превела дела на Јирг Шубигер, Тимур Вермеш, Ерих Кестнер, Вилхелм Генацино, Саша Станишиќ. Пишува кратки раскази и проза. Автор е на романот „Еднаш одигравме љубов” објавен во 2016 година. 

Храбри нови зборови, прекрасни нови светови / Europe is BRAVE NEW WOR(L)DS е проект на издавачката куќа „Антолог”, во рамките на кој пред македонската читателска публика ќе бидат претставени 10 прозни дела од врвни европски автори, преведени на македонски јазик од докажани преведувачи со кои оваа издавачка куќа има долгогодишна соработка. Претходната 2020 година беше година на многу тешки предизвици, но оваа година си поставуваме смел предизвик. Подготвени сме со заеднички сили и храбри нови зборови да изградиме прекрасни нови светови. Реализацијата на проектот е поддржана од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Охрид, од 7-9 август проекции од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ

ИДНИТЕ ЕКОЛОГИИ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот НИЕ СМЕ ТУКА: програма за …