Праизведба на „Дневна доза мазохизам“ во продукција на „Пресврт“

Истражувајќи ја опсесијата како генетски код врз кои се создаваат односите помеѓу луѓето и опседнатоста како пракса која се артикулира во секојдневието, новиот театарски проект на „Пресврт“, „Дневна доза мазохизам“ го разложува човековиот емотивен распад преку конфликтот кој се наоѓа во обичните ситуации. Заслепени од виртуелниот идеал, често луѓето се наоѓаат на крстопатот помеѓу она што е и она што посакуваат да биде, како што му се случува и на Тома чие несовпаѓање со светот длабоко се истакнува преку неговата привлечност кон младата „инфлуенсерка“ Софија која пак се бори со сопствениот наметнат калап на своите обожаватели.
На 24ти јуни, во продукција на „Пресврт“, со почеток во 18:00 часот во Денсинг салата на МКЦ ќе биде одиграна премиерната изведба на претставата „Дневна доза мазохизам“ по текст на младата хрватска авторка Дина Вукелиќ, а во режија на Лука Кортина. Ликовите во претставата ги толкуваат младите Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Јанка Лефкова и Ава Хусеини, како и веќе докажаните и фантастични Амернис Нокшиќи, Димитрија Доксевски и Ѓорѓи Јолевски. Сценографијата на претставата е на Мартин Манев, костимографијата на Ирина Тошева, додека пак кореографијата на Наталија Теодосиева. Продуцент на претставата е Петар Антевски.


Во соработка со организацијата „Ла Култура Нуова“ од Прато, Италија, режисерот Лука Кортина за претставата вели: „Театарот е интимно поврзан со суштината на бидување човек на оваа планета. Постоењето и враќањето на театарот е еднакво со постоењето и
живеењето на човековиот род. Претставата за која имавме среќа и се изборивме да ја направиме е во суштина приказна за нас луѓето кој се прашуваме дали сакаме или не сакаме да живееме. Одговорот на животот треба да биде љубовта.“
Драмата на Вукелиќ „Дневна доза мазохизмот“ за прв пат ќе биде поставена не само во Р. Северна Македонија, туку на 24ти јуни ја доживува и својата светска премиера.
Праизведбата на овој драмски текст во нашата земја означува сериозен чекор во развојот на соработката помеѓу младите театарски работници од регионот и Европа.
„Праизведбата на мојот текст „Дневна доза мазохизам“ во МКЦ е од големо значење за мене како автор, а верувам и за „Пресврт“ кои со овој проект отвора интресен простор на независната сцена и ги поврзува уметниците на интелектуално ниво, истражувајќи нови изрази и естетики. Се надевам дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина. Од перспектива на хрватска авторка сметам дека ни се потребни не само праизведби на современи текстови, туку и соработка со уметници од овие простори со кои делиме
доволно сличности за да се испреплетат темите кои не засегаат, а и доволно различни за да учиме едни од други.“- вели авторката Дина Вукелиќ.
По премиерата на 24ти јуни од 18 часот, првата реприза на претставата „Дневна доза мазохизам“ е закажана на 25ти јуни со почеток во 20 часот. Повеќе информации за билети можете да најдете на bileti.mkc.mk.
Продукцијата на претставата „Дневна доза мазохизам“ е финансиски поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија, како и поддршката од Италијанската амбасада во Скопје, компанијата Нетсетера и пријателите од Добар бар.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Охрид, од 7-9 август проекции од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ

ИДНИТЕ ЕКОЛОГИИ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот НИЕ СМЕ ТУКА: програма за …