Градоначалникот Шилегов го отвори 42. издание на фестивалот „Скопско лето 2021“

Многубројни музички настапи, изложби, театарски претстави и филмска програма ќе понуди 42.издание на фестивалот „Скопско лето“, што секоја година традиционално се одржува од 21 јуни до 31 јули. Овој познат скопски културен фестивал почна вчеравечер, на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката, со изведба на операта без зборови „Од оркестарот за публиката“, што се одржа во салонот на Националната опера и балет, а пред присутните се обрати и градоначалникот Петре Шилегов.

– Скопско лето е синоним за масовна посетеност и исполнетост со активна публика. Убеден сум дека и оваа година ќе биде така, затоа што програмата која што ја нуди, доминира со квалитет и содржини коишто немаме прилика да ги видиме другпат. Чест ми е што оваа година Град Скопје е главен покровител на „Скопско лето“. Ова е само мал доказ дека Градот умее да ги препознае вистинските вредности. На самиот крај, на организаторите им посакувам да имаат уште едно успешно издание на „Скопско лето“, а вам, драги скопјани, да имате многу неверојатни мигови во текот на претстојниве 40 фестивалски денови – рече градоначалникот Шилегов, во своето обраќање.

И оваа година, најголемиот дел од програмата на „Скопско лето 2021“ ќе биде посветен на домашните изведувачи, но фестивалот ги отвора вратите и за меѓународна соработка, па се најавуваат гости од Србија, Хрватска, Црна Гора, Австрија, Германија и Канада.

Фестивалот „Скопско лето“ е во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, а под генерално покровителство на Град Скопје.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Охрид, од 7-9 август проекции од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ

ИДНИТЕ ЕКОЛОГИИ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот НИЕ СМЕ ТУКА: програма за …