Денес е духовденска задушница: Да си спомнеме на починатите на достоинствен начин

Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со собитието на слегувањето на Светиот Дух се завршило домостроителството на спасението на човекот, а во тоа спасение учествуваат и упокоените. Затоа, Црквата која на Педесетница упатува молитви за оживотворување со Светиот Дух на сите живи, на самиот ден на празникот, ја проси и за упокоените благодатта на сесветиот и сеосветуваштиот Дух-Утешител, којашто тие уште во својот живот се уподобиле да ја имаат за извор на блаженства, бидејќи преку Светиот Дух „живее секоја душа“. Затоа, навечерието на празникот, во саботата, Црквата го посветува за спомнување на починатите и за молитва кон нив. Свети Василиј Велики, којшто ги составил умилителните молитви на вечерната на Педесетница, во нив говори дека Господ најмногу во тој ден благоволи да прима молења за умрените, дури и за оние коишто се „држени во адот“.

Свештениците препорачуваат на овој ден да се запали свеќа за починатите и да не се остава храна на вечните почивалишта.

Преподобен Висарион – исцелител и чудотворец во служба на луѓето а во слава на Бога!

Роден и воспитан во Мисир. Рано се предаде на духовен живот и не ја извалка духовната одежда во којашто се облече со Светото Крштение. Го посети свети Герасим на Јордан и го чу свети Исидор Пелусиот. Го победуваше своето тело со голем пост, со бденија, но колку што можеше го криеше својот подвиг од луѓето. Еднаш четириесет дена стоеше на молитва, не јадејќи и не спиејќи. Имаше голем дар на чудотворство. Постојано место на пребивање немаше, туку до длабока старост живееше по шумите и долините. Исцелуваше болни и вршеше многубројни чуда заради полза на луѓето, а во слава на Бога. Се упокои мирно во 466 година.
Преподобен Иларион Нови
Игумен на Далматската обител во Цариград. Ученик на светиот Григориј Декаполит и подражавател на животот на свети Иларион Велики, чиешто име и го зеде. Силен во молитвата, истраен и храбар во страдањето. А страдаше многу за иконите во времето на злите иконоборни цареви, Лав Ерменин и другите. Потоа царот Лав го исекоа со меч неговите сопствени војници во истата онаа црква во којашто ги исмеа светите икони и од каде што ја тргна првата икона. Тогаш Иларион беше пуштен од затвор. Повторно беше мачен и држен в затвор сè до доаѓањето на правоверната царица Теодора. Имаше дар на прозорливост. Ги виде ангелите Божји кога ја однесоа на небото душата на светиот Теодор Студит. Откако Му угоди на Бога, се упокои во Царството небесно, во 845 година, во својата седумдесетта година.
Преподобните маченички Архелаја, Текла и Сузана
Како монахињи, чисти и девствени, се подвизуваа во еден незабележлив манастир во околината на Рим. Но, кога настана гонењето на христијаните под злобниот цар Диоклецијан, тие побегнаа во Кампанија и таму се населија во близината на градот Нола. Нивниот свет живот не можеше да се скрие од луѓето и оние од околните места почнаа да доаѓаат кај нив за совет, поука и помош во маките и во болестите. Најпосле беа фатени од незнабошците и ги изведоа пред суд. Тие јавно и слободно ја исповедаа својата вера во Христа. Кога судијата Леонтиј ја запраша света Архелаја за верата во Христа, таа одговори: „Со силата Христова ја уништувам силата ѓаволска, ги учам луѓето на разум, да Го познаат едниот вистински Бог, а со името на мојот Господ Исус Христос, Единородниот Син Божји, преку мене, слугинката Божја, им се дава здравје на сите болни.“ Сите три девици беа биени, поливани со врела смола, морени во затвор со глад и најпосле исечени со меч. Кога ги изведоа на губилиштето, им се јавија Ангели, коишто беа видени и од некои од џелатите. Таков страв ги спопадна, што не смееја да подигнат меч врз светите девици. Но, овие ги охрабрија да си ја извршат должноста. И така, беа заклани како јагниња, во 293 година, и отидоа во Царството Христово за вечно да почиваат и да се насладуваат гледајќи го лицето Божјо.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

КОРОНА ВИРУС ВО МАКЕДОНИЈА – НЕМА ПОЧИНАТИ ЛИЦА: Денеска се регистрирани 37. нови случаи на Ковид 19

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје:  Во последните 24 часа …