Медицински тимови од Клиниката за урологија и Клиниката за кардиохирургија пред полноќ почнаа експлантација на бубрези и срце од 44-годишна пациентка која вчера попладне е дијагностицирана со мозочна смрт.
Според најавата од министерот Венко Филипче, тројца пациенти се подготвувале ноќеска за трансплантација на органите – срцето и бубрезите од донорот. Тоа е четврта трансплантација на срце во земјава од минатиот мај.
– Тројца пациенти се подготвуваат да ги примат органите. Постапката за трансплантација на срцето и бубрезите ќе започне после полноќ, по што ќе следува експлантацијата на коскени ткива. Голема благодарност на семејството за несебичниот гест. Со нивната хуманост спасија три животи и подарија надеж за подобар живот на неколку пациенти кои се лекуваат на Клиниката за ортопедија, напиша министерот Филипче на Фејсбук.
Претходно, неколку часа екипите за трансплантација од повеќе клиники работеа на подготовка на донорот и реципиентите. Целата постапка ја водат болничките координатори од КАРИЛ заедно со Министерството за здравство.
„Рано утрово срцето на 44 годишната пациентка чие семејство несебично ги донираше органите, почна повторно да чука. ❤️ Следните денови се критични да се надеваме дека телото ќе го прифати новиот орган.
Пациент кој неколку години боледува од тешка кардиоваскуларна болест добива шанса за нов живот.
Во изминативе 24 часа околу 100 тина лекари, медицински сестри и болничари работеа заедно како тим и покажаа како беспрекорно функционира здравственитот ситем. Повеќе детали за трансплантацијата во текот на денот“, објави министерот Венко Филипче на Фејсбук.