Утре во Театар за деца и младинци премиера на СУПЕРБАЈКАСТИЧНО

На 12 јуни 2021 со почеток од 19 часот, во Театарот  за деца и младинци –Скопје, ќе се случи премиерата на претставата СУПЕРБАЈКАСТИЧНО, авторски текст на Горјан Милошевски, а во режија на Игор Ивковиќ. Станува збор за еколошка бајка за деца, но и возрасни, чија цел е да ги разбуди емпатиите кај публиката за поголема грижа кон планета Земја, нашиот единствен дом.

„Создадовме еко бајка, која има задача преку досетки, хумор, забава и јасно изградени карактери, да испрати силна порака дека е важна грижата кон животната средина. Со овој проект на младите сакаме да им покажеме дека е „ИН“ да си:научник, несебичен, искрен и одговорен пред другите и животната средина“, вели Игор Ивковиќ, режисер на СУПЕРБАЈКАСТИЧНО.

Авторот на дрaмата, Горјан Милошевски, додава дека СУПЕРБАЈКАСТИЧНО не е обична претстава за деца. Ова е една голема авантура во која преку чудните, духовити но предупредувачки ликови публиката ќе биде дел од еколошко театарско шоу.

„Во драмата и претставата, двајцата херои, децатаМила и Давид на свои 10 години ја започнуваат најголемата битка за нашата планета. За таа цел Давид создава супер, еколошки велосипед водејќи се по изуми и нацртина неговите претци – климатолози. Тој велосипед отвора порта кон поинаква, бајковидна димензија каде нашите херои се борат против Небрила Токсичнаја, мајката на целото загадување, кралица на загадениот воздух. За да ја победат тие треба да поминат многу необични, големи и чудни пречки“, појаснува Горјан Милошевски, автор на драмата.

Главните улоги на научникот Давид и неговата другарка Мила ги толкуваат Мики Анчевскии Емра Куртишова. Според нив Театарот за деца и младинци, со овој проект уште еднаш покажува дека покрај тоа што ја забавува детската публика, успешно и ја едуцира.

„Грижата за животната средина се стекнува од “мали нозе”. Дури и едно дете да излезе по претставата со крената свест е голем успех. Грижата за животната средина, науката, другарството, љубовта, влијанието на “инфлуенсерството, мобилната технологија, трендсетерството”, се само дел од нештата вметнати во оваа навидум “лесна” и “едноставна” претстава“, вели Мики Анчевски, кој го толкува ликот на младиот научник Давид.

За Емра Куртишова, претставата е една возбудлива авантура која ги внесува децата во магијата на театарот и откривање на непознати светови од кои има многу да се научи.

„СУПЕРБАЈКАСТИЧНО носи силна порака за глобалното загадувањето, но не само тоа. Таа зборува и за сплотување на две дечиња кои се дијаметрално различни, но на крајот љубовта и разбирањето победува“, потенцира Куртишова.

Директорктата на Театарот за деца и младинци, Катарина Илиевска Силјановска која во оваа претстава се појавува во повеќе улоги, смета дека нема ништо поголемо и поважно од зачувување на околината ,животната средина ,а со тоа и здравјето на сите нас.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„ОД ОРКЕСТАРОТ ЗА ПУБЛИКАТА“ „ОПЕРА БЕЗ ЗБОРОВИ“ – Отворање на фестивалот „Скопско лето“ на 21.06.2021 од 21.00 часот.

На 21.06.2021 година со почеток во 21 часот, во салонот на Националната опера и балет …