РЕТРОСПЕКТИВА ТАРКОВСКИ ОД 10-20 ЈУНИ ЗА ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА 11. ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

Тарковски, во интервју во 1980-тата година за НОСТАЛГИЈА кој во тоа време е во подготовка, на новинарско прашање „Реализам на сонот, исто како во ОГЛЕДАЛО?” ќе одговори: Не постои ‘реализам’ од едната страна, а од другата (во контраст, контрадикција) ‘сонот’. Ние поминуваме третина од нашите животи спиејќи (што значи, сонувајќи): постои ли таму некаде нешто кое е пореално од сонот? И токму затоа во рамките на 11. Филозофски филмски фестивал Ретроспектива на авторот кој ги помести границите на стварноста, сеќавањето и сонот во филмот, и кој ни ја возобличи седмата уметност како „вајање во времето”. Ретроспектива Тарковски, и бидејќи е секогаш добро да се (пре)погледне Тарковски на Големото платно. Овој пат, следејќи го развојот на авторот од самите почетоци па до крајот на неговиот творечки живот, збогатено со воведни излагања на познавачи и љубители на неговата уметност.


Од овој четврток, во рамките на 11. Филозофски филмски фестивал, по Главната програма којашто се одржа од 27 мај – 3 јуни во хибриден формат во Скопје, започнува Ретроспективата Тарковски посветена на еден од најголемите синеасти и еден од најфилософичните режисери на сите времиња, рускиот режисер Андреј Тарковски. По тивката најава на Ретроспективата уште во 2020 год., со документарниот филм АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ: ФИЛМСКА МОЛИТВА на синот на Тарковски, Андреј А. Тарковски во рамките на ФФФ Пролетните онлајн миграцииод 10-20 јуни оваа година, секогаш со почеток од 20 часот, и со слободен влез следејќи ги сите безбедносни протоколи за организација на културни настани, Ретроспективата Тарковски ќе се одржи во Летното кино „Мирно лето” на Кинотеката (или во случај на дожд, во просториите на Кинотеката) – во Скопје и во „Киноверзум” при МСУ „Г. Р. Державин” – во Свети Николе. Ретроспективата е организирана во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, Meѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин”, Кинотеката на С. Македонија, Амбасадата на Шведска и Амбасадата на Италија во Скопје.

Оваа единствена можност да се проследи целиот развоен пат на филмскиот корифеј, од самите почетоци кои публиката имаше можност да ги види со кратките, студентски филмови на Тарковски во рамките на Главната програма (меѓу кои и извонредниот дипломски филм ПАРНОТО ТРКАЛО И ВИОЛИНАТА), па сè до последниот филм, ќе биде проследена од воведни излагања на познавачи, истражувачи и љубители на делото на Тарковски: проф. д-р Игор Евлампиев (Институт за филозофија при Државниот универзитет на Санкт Петербург, Русија), филмологот д-р Атанас Чупоски, м-р Кирил Трајчев (професор на МСУ „Г. Р. Державин”), проф. д-р Славица Србиновска (Филолошки факултет „Блаже Конески”, Скопје), режисерот и филозоф, м-р Стефан Палитов, директорот на Кинотеката на С. Македонија, филмологот Владимир Љ. Ангелов и д-р отец Милан Ѓорѓевиќ (вонреден професор на Православниот богословски факултет во Скопје).

Вечерва (10 јуни) во Скопје, со присуство на Амбасадорот на Руската Федерација во Скопје, Неговата Екселeнција Сергеј Баздникин, ќе биде отворена Ретроспективата со ИВАНОВОТО ДЕТСТВО, филм за дванаесетгодишниот сирак Иван кој ќе се најде на источниот советски фронт за време на Втората светска војна – првиот долгометражен филм на Тарковски со кој ја добива наградата „Златен лав” на филмскиот фестивал во Венеција во 1962 г. (проекцијата во Свети Николе е закажана за 12 јуни, 20 ч.)На 11 јуни (петок) во Свети Николе публиката ќе ја има ретката можност да ги погледне краткометражните, студентски филмови на Тарковски: УБИЈЦИ, НЕМА ДА ИМА ОТПУШТАЊЕ ДЕНЕС и ПАРНОТО ТРКАЛО И ВИОЛОНАТА. На 12 јуни (сабота) во Скопје ќе биде прикажана биографско-историската драма заснована на животот на познатиот руски иконописец од XV век, АНДРЕЈ РУБЉОВ, филм кој во 1969 г. ја освојува наградата FIPRESCI на филмскиот фестивал во Кан (проекцијата во Свети Николе е планирана на 13-ти јуни). На 13 јуни (недела) во Скопје, а на 15-ти јуни (вторник) во Свети Николе, публиката ќе има можност да го (пре)погледне на Големото платно и СОЛАРИС, третиот долгометражен филм на Тарковски за истоимената мистериозна планета – филм којшто беше победник на филмскиот фестивал во Кан од 1972 година. На 14 јуни (понеделник) во Скопје ќе биде прикажан ОГЛЕДАЛО, филмска поема со автобиографски елементи за амалгамот од соништа и сеќавања од којшто сме сочинети ние, луѓето, а во којашто Тарковски го прави „текот на свеста” опиплив на големиот екран како никогаш пораноФилмот во Свети Николе ќе биде прикажан на 16 јуни (среда). На 15 јуни (вторник) во Кинотеката во Скопје публиката ќе може да ужива во научнофантастичниот филм СТАЛКЕР снимен според новелата „Пикник покрај патот” на браќата Борис и Аркадиј Стругацки, филм за едно мистериозно патување во „Зоната” (проекцијата во Свети Николе ќе биде на 18-ти јуни, 20 ч.). На 17 јуни во Кинотеката, а на 19 јуни во киното Киноверзум (Свети Николе) ќе го погледнеме НОСТАЛГИЈА, поетската визија на Тарковски за егзилот, за којашто Хоберман ќе рече дека „не е толку филм, колку што е место во коешто може да се населите за два часа”. За филмот Тарковски ја добива наградата Најдобар режисер на Канскиот филмски фестивал во 1983 година, којашто ја дели заедно со Робер Бресон. Како последен филм од Ретроспективата на 19 јуни во Скопје (со Затворање на Ретроспективата на 20 јуни во Свети Николе) ќе биде прикажан ЖРТВОПРИНЕСУВАЊЕ, последното филмско остварување на Тарковски за коешто го добива своето второ Гранд При на Канскиот филмски фестивал по СОЛАРИС. Снимен во скандинавската идила (на шведскиот остров Готланд, близу островот на Бергман), тој рефлектира за распадот на цивилизацијата, кога на прагот на Трета светска војна, Александар бара начин да го врати мирот во светот, но открива дека мора и да понуди нешто за возврат…

Сите проекции, и во Скопје (Кинотеката) и во Свети Николе (Киноверзум при МСУ „Державин”) се бесплатни, во рамките на редуцираните капацитети на кино салите.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„ОД ОРКЕСТАРОТ ЗА ПУБЛИКАТА“ „ОПЕРА БЕЗ ЗБОРОВИ“ – Отворање на фестивалот „Скопско лето“ на 21.06.2021 од 21.00 часот.

На 21.06.2021 година со почеток во 21 часот, во салонот на Националната опера и балет …