Денеска е спомен на Светиот пророк Исаија: Молитви и пророштва во име на Бога!

Овој голем пророк беше од царски род. Роден во Јерусалим од татко Амос, брат на јудејскиот цар Амасиј. Според големата Божествена благодат што беше во него, Исаија се удостои да Го види Господ Саваот на небесниот престол, опкружен со шестокрили серафими, коишто непрестајно пееја: Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот. Исаија им пророкуваше многу нешта како на одделни луѓе така и на народите. Еднаш, три дена одеше сосема гол по улиците јерусалимски пророкувајќи го брзиот пад на Јерусалим под Асирскиот цар Сенахерим и опоменувајќи ги царот и народните старешини да не се надеваат на помошта од Мисирците и Етиопјаните, бидејќи и тие наскоро ќе бидат покорени од тој истиот Сенахерим, туку да се надеваат на помошта од Севишниот Бог. И ова пророштво како и останатите се исполни до збор.


Но, најважни беа неговите пророштва за воплотувањето на Бога, за зачнувањето на Пресветата Дева, за Јован Предтеча и за многу настани од животот на Христос. Овој видовит маж имаше, заради чистотата на своето срце и заради ревноста кон Бога, дар на чудотворство од Бога. Така, кога опседнатиот Јерусалим страдаше од жед, тој се помоли и потече вода под гората Сион. Таа вода е наречена Силоам (пратена), и на таа вода го упати подоцна Господ слепородениот за да се измие и да прогледа. Во времето на царот Манасија, кога Исаија грмеше против незнабожечките обичаи на царот и на старешните, изедначувајќи го тогашното поколение со Содом и Гомор, против овој голем пророк се крена гнев од народот и главешините и беше фатен, изведен надвор од Јерусалим и стружен со пила. Живееше и пророкуваше 700 години пред Христа.


Пренос на моштите на свети Николај, Чудотворец Мирликиски


Во времето на царот Алексеј Комнен и патријархот Николај Граматик, во 1087 година, телото на овој светител беше пренесено од Мира Ликиска во градот Бари, во Италија. Тоа се случи заради навалата на муслиманите на Ликија. Светителот му се јави во сон на некој чесен свештеник во Бари и му заповеда неговите мошти да се пренесат во тој град. Во она време градот Бари беше православен и под православен патријарх. При преносот на моштите на светителот се случија многу чуда, како од допирот на моштите така и од мирото коешто изобилно се лееше од нив. На овој ден уште се споменува и чудото извршено над српскиот крал Стефан Дечански, т.е. како светиот Николај му го врати видот на слепиот крал Стефан.


Светиот маченик Христофор
Светиот Христофор беше човек со висок раст и необично голема сила, но лицето му беше ѕверолико. Според преданието, тој прво имал убав изглед, но сакајќи да ги избегне соблазните кај себе и кај тие што го опкружувале, му се молел на Бога да му даде неубаво лице, што и се случило. До своето крштение го носеше името Репрев (негоден), што имаше врска со неговата грда надворешност. Уште пред своето крштение Репрев ја исповедаше својата вера во Христа и ги разобличуваше тие коишто ги гонеа христијаните. Заради тоа тој еднаш беше биен од некојси Вакх, и тој таа казна ја прими со смирение. Скоро после тоа беа пратени 200 воини да го врзат и да го донесат пред императорот Декиј. Репрев се потчини без спротивставување. По патот се случија чуда: сувата гранка во рацете на светителот расвета, и по неговите молитви се умножија лебовите што им недостасуваа на патниците, слично на умножувањата на лебовите од Спасителот во пустината. Воините кои го спроведуваа Репрев беа поразени од чудата и поверуваа во Христа, и беа крстени заедно со Репрев од антиохискиот епископ Вавила, кој на Репрев му го даде името Христофор, што значи Христоносец. Кога светиот Христофор беше доведен пред императорот Декиј, тој се ужасна од неговиот изглед и реши да го натера да се одрече од Христа не со насилство, туку со лукавство: повика две жени блудници, Калиникија и Акилина, и им рече да го приволат Христофор да се одрече од Христа и да им принесе жртви на идолите. Но, наместо тоа, самите жени беа обратени од Христифор во вера во Христа и кога се вратија кај императорот, тие исповедаа дека се христијанки, заради што беа мачени и го завршија својот живот примајќи маченички венци. Декиј нареди да бидат убиени и војниците што спроведувајќи го Христофор поверуваа во Христа, а самиот Христофор го фрли во врел бакарен казан. Меѓутоа, Христофор од казанот излезе сосема неповреден. Потоа беше мачен и на разни други начини и на крај главата му беше отсечена со меч. Тоа се случи во 250 година, во Ликија. При своето мачеништво, Христофор обрати близу 50 илјади незнабошци во христијанство, како што сведочи светиот Амвросиј. Моштите на светиот Христофор беа најпрвин пренесени во Толедо, Шпанија, каде што особено многу се почитува овој светител, а подоцна во манастирот Свети Дионисиј, во Франција.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес се чествува Воведение на Пресвета Богородица (Пречиста): Нејзината икона има чудотворна моќ, па жените кои сакаат пород треба да го направат ова

Македонската православна црква денска прославува голем празник, Пречиста Богородица. Кога Пресвета Дева Марија наполни три …