„Тело на вистината“ под тремот на МСУ – документарен филм во најава на 11. Филозофски филмски фестивал

Филмскиот дел од 11. Филозофски филмски фестивал неофицијално ќе започне со проекцијата на документарниот филм ТЕЛО НА ВИСТИНАТА (Body of Truth) на Евелин Шелс (Evelyn Schels). Ова е прв настан „под ѕвезди“ како најава на претстојното 11-то издание на Фестивалот кое што ќе се одржи од 27-ми мај до 3-ти јуни во Кинотеката на С. Македонија.
Проекцијата на ТЕЛО НА ВИСТИНАТА (2019) е прва соработка на Музејот на современа уметност (МСУ) и Филозофскиот филмски фестивал. Филмот е во рамките на Придружната програма на Фестивалот и е еден од ФФФ Doc.филмовите во Програмата оваа година.

ТЕЛО НА ВИСТИНАТА ве води на емотивно патување низ биографиите на четири уметници: Марина Абрамовиќ(Marina Abramović), Сигалит Ландау (Sigalit Landau), Катерина Зивердинг(Katharina Sieverding) и Ширин Нешат (Shirin Neshat), кои трансформирајќи ги личните животни искуства на војни, насилство и опресија во земјите од кои што доаѓаат, создаваат провокативни и радикални уметнички дела,кои што покренуваат низа прашања од политичко и општествено значење. Во нивната уметност, главен и најинтимен медиум со кој што се изразуваатсе токму нивните тела.


Тие заедно ги претставуваат најголемите конфликти на нашето време. Ширин Нешат од Иран, во егзил, ги истражува разликите во рамките на исламското општество. Марина Абрамовиќ, ќерка на партизани од Црна Гора, повторно ги поставува прашањата за насилството, болката и тагата, како што ги искусува индиректно преку југословенските војни. Германката Катарина Зивердинг го испитува проблемот со фашистичките структури, од ерата на нацизмот па сѐ до Пегида. Израелската уметница Сигалит Ландау создава мотивирана од секојдневниот страв од терор во нејзината непосредна животна околина.


ТЕЛО НА ВИСТИНАТА е документарен филм кој што, преку уметноста на овие четири исклучителни жени уметници, нè предизвикува да развиеме нови перспективи и свесност, продлабочувајќи го нашето разбирање за проблемите на времето во кое што живееме. Дали историјата се повторува? Дали насилството и алчноста за моќ се во основата на човечката природа? Дали можеме подобро да го разбереме нашиот комплексен свет преку уметноста?

Проекцијата е бесплатна (резервации преку Фестивалот) и ќе се одржи под тремот на МСУ, на отворено, следејќи ги сите безбедносни мерки и протоколи, на 18 мај (вторник),со почеток во 20:00 часот. Пред филмот мало воведно излагање ќе даде д-р Вангел Ноневски (вонреден професор на Филозофскиот факултет).

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„ОД ОРКЕСТАРОТ ЗА ПУБЛИКАТА“ „ОПЕРА БЕЗ ЗБОРОВИ“ – Отворање на фестивалот „Скопско лето“ на 21.06.2021 од 21.00 часот.

На 21.06.2021 година со почеток во 21 часот, во салонот на Националната опера и балет …