Денес е спомен на Светата маченичка Пелагија Тарсиска: Пострада поради вербата во Христа

Според календарот на МПЦ, 17-ти мај е ден посветен на Светата маченичка Пелагија Тарсиска.

Родена е во градот Тарс, од родители незнабошци, но богати и прочуени. Кога слушна од христијаните за Христа, таа се разгоре со љубов кон Спасителот и во душата беше целата христијанка. Се случи самиот цар Диоклецијан да запре во Тарс и додека се задржуваше во овој град, неговиот син, принцот, се вљуби смртно во Пелагија, па сакаше да ја земе за жена. Преку својата зла мајка Пелагија одговори дека таа веќе Му се има ветено на Небесниот Женик, Господ Исус Христос. Бегајќи од скверниот принц и од нејзината злобна мајка, Пелагија го побара и го најде епископот Клинон, човек прочуен по светоста. Тој ја поучи во христијанската вера и ја крсти. Тогаш Пелагија ги раздаде своите раскошни фустани и големото богатство, се врати дома и ѝ исповеда на мајка си дека е веќе крстена.

Кога слушна за ова царскиот син и ја изгуби сета надеж дека некогаш ќе може да ја добие за жена оваа света девица, се прободе самиот себеси со меч и умре. Тогаш свирепата мајка појде и ја обвини кај царот својата ќерка, па му ја предаде на суд. Царот се восхити од убавината на девицата, заборави на синот и самиот се распали со нечиста страст кон неа. А бидејќи Пелагија остана непоколеблива во нејзината вера, царот пресуди да ја изгорат во метален усвитен вол. Кога ја разголеа мачителите, света Пелагија се прекрсти со Крстот и со благодарна молитва кон Бога на усните, самата влезе во усвитениот вол, во којшто за еден миг се растопи како восок. Чесно пострада во 287 година. Коските што останаа од неа ги прибра епископот Клинон и ги погреба на ридот под еден камен. Во времето на царот Константин Копроним, на тоа место беше изградена прекрасна црква во чест на светата девица и маченичка Пелагија, која се жртвуваше за Христа за со Него да царува вечно.

Светиот свештеномаченик Силуан, епископ Гаски
Најнапред беше во војничка служба, но подоцна, поттикнуван од силата на својата вера, премина на духовната служба. Обвинет дека ги обраќа незнабошците во христијанската вера, најпрво беше жестоко мачен, а потоа заклан, заедно со четириесетмина други војници. Станаа небесни граѓани во 311 година.

Преподобен Никифор
Прво беше католик, а после премина во Православие. Се подвизуваше како монах на Света Гора заедно со мудриот Теолипт. Му беше учител на славниот светител Григориј Палама. Напиша едно дело за умствената молитва. Се престави кај Господа во 14 век. Преподобниот Никифор учеше: „Собери го својот ум и принуди го да влезе во срцето и таму да остане. Кога твојот ум ќе се утврди во срцето, не треба да стои празен, туку постојано да ја твори молитвата: ’Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!’ и никогаш да не замолкне. Преку ова во тебе ќе се всели целата низа добродетели: љубовта, радоста, мирот и останатото, па секоја твоја прозба пред Бога ќе биде исполнета“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

КОРОНА ВИРУС ВО МАКЕДОНИЈА – НЕМА ПОЧИНАТИ ЛИЦА: Денеска се регистрирани 72. нови случаи на Ковид 19

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје: Во последните 24 часа …