XXI НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМОВИ – „Миграција, вчера и денес”

Од 17 до 23 мај 2021 година, по чекорите на успехот на претходните изданија, во Кинотеката на Република Северна Македонија во Скопје ќе се одржи XXI издание на „Неделата на италијанскиот филм”, ревија на италијански филмови, оваа година година посветена на темата миграција. Отворањето на оваа филмска ревија, организирана од страна на Амбасадата на Италија, ќе се случи на 17-ти мај во 20.00 часот со проекција на филмот „Леб и чоколадо” (Pane e cioccolata), забавна комедија „на италијански начин” (Commedia all’italiana) во режија на Франко Брусати (1973), филмско дело во совршена хармонија помеѓу драмата и хуморот. Главниот јунак е Нино Манфреди, познат италијански актер, чија стогодишнина од неговото раѓање се одбележува оваа година.

Доколку дозволат временските услови, проекциите ќе се одржат на отворено, во дворот на Кинотеката. Во случај на лоши временски услови, истите ќе се прикажат во главната сала. И во двата случаи ќе се почитува растојанието предвидено со здравствените протоколи. Исто така, сите филмови ќе бидат повторно прикажани следниот ден во 18.00 часот.

Неделата на италијанскиот филм ќе продолжи со претставување на низа одлични класици на италијанската кинематографија, со меѓународно реномирани актери како Марчело Мастројани, Алберто Сорди и Клаудија Кардинале, како и Џан Марија Волонте, кои се во главните улоги на „Да ви се претставам? Роко Папалео” (Permette? Rocco Papaleo); „Убав, чесен емигрант во Австралија би се оженил со чесна сограѓанка” (Bello, onesto, emigrato in Australia sposerebbe compaesana illibata); „Сако и Ванцети (Sacco e Vanzetti), но ќе се прикажат и понови дела како што се визионерското „Новиот свет” (Nuovo Mondo), режиран во 2006 година од Емануеле Криалезе и забавниот „Добредојдовте на Југ” (Benvenuti al Sud) во режија на Лука Миниеро во 2010 година.

Филмовите се преведени на македонски јазик, билетите се бесплатни, а истите можат да се резервираат на 02/ 30 65 968. Заедничката нишка што ги врзува овие филмови избрани за „Неделата на италијанскиот филм” е миграцијата и промените што самата таа ги претрпе со текот на годините. Италија, во минатото земја на емигранти, стана дестинација за емигрантите во последните децении. Преку прикажување филмови од различни епохи ќе може да се направи пресек на феноменот на емиграцијата од различни аспекти, комичен, понекогаш дури и ироничен и саркастичен, но исто така и историски и драматичен.

На крајот, во недела, 23-ти мај, ревијата ќе заврши со комедијата „Добредојдовте на Југ”, во која Клаудио Бисио игра улога на италијанец од северот на земјата, кој за казна е преселен од северна во јужна Италија. Филмот успева на забавен начин да ги смени предрасудите и клишеата поврзани со внатрешната миграција на јужните италијанци кон северна Италија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„ОД ОРКЕСТАРОТ ЗА ПУБЛИКАТА“ „ОПЕРА БЕЗ ЗБОРОВИ“ – Отворање на фестивалот „Скопско лето“ на 21.06.2021 од 21.00 часот.

На 21.06.2021 година со почеток во 21 часот, во салонот на Националната опера и балет …