(ВИДЕО+ФОТО) Ливерпул „преврте“ во дербито и остана во трката за место во Лигата на шампионите

Фудбалерите на Ливерпул го совладаа Манчестер Јунајтед на гости со резултат 4:2 во одложениот натпревар од 34. коло во Премиер лигата и останаа во трката за пласман во Лигата на шампионите.
„Црвените“ се петти со 60 бода и со натпревар помалку имаат четири бода помалку од четвртопласираниот Челси, додека „црвените ѓаволи“ се втори со 70.
Оле Гунар Солшер направи десет измени во почетната постава во однос на дуелот со Лестер, а мечот на „Олд Трафорд“ започна жестоко од двете страни.
Прво гостите побараа пенал за играње со рака на Ерик Баи во шеснаесетникот, а потоа Единсон Кавани не успеа да ја казни големата грешка на Алисон во 6-та минута и да ја испрати топката во мрежата.
Јунајтед поведе во 10-та минута. Погодокот беше припишан на Бруно Фернандез, но најголема заслуга има дефанзивецот на Ливерпул, Натаниел Филипс, кој ја закачи топката, ја смени насоката и ја испрати зад Алисон.

Ливерпул остана непоразен за прв пат на шест последователни натпревари против Манчестер Јунајтед во Премиер лигата.

Судијата Ли Мејсон покажа на белата точка во 26-та минута откако Баи ги зеде и топката и Филипс, но ја смени одлуката откако му асистираше ВАР.

Сепак, „црвените“ израмнија во 34. минута со голот на Жота. Португалецот се снајде фантастично и со пета го совлада Хендерсон, по асистенција на Филипс.

Тимот од „Енфилд“ го смени резултатот пред да замине на одмор. Во третата минута од продолжението, расположениот Роберто Фирмино брилијантно реагираше на центаршутот и му донесе предност на својот тим со глава – 2:1.Истиот играч само што го започна второто полувреме по втор пат го матираше Хендерсон и најави многу важен триумф за Ливерпул.

Жота ја погоди стативата во 59-та минута, а надежта домашниот тим да може да го избегне вториот последователен пораз ја врати Маркус Рашфорд. Англискиот репрезентативец го искористи одличното додавање на Кавани за 2:3 во 68-та минута.
Наскоро Мејсон Гринвуд беше во добра позиција, шутираше од само неколку метри, но еден од гостинските играчи успеа да интервенира на гол-линијата.

До крајот на мечот, Фернандес шутираше солидно од слободен удар во 79-та минута, но преку гредата.
Конечниот резултат по брз контра напад на гостите го постави Мохамед Салах во 90-та минута.
Ливерпул во следното коло гостува кај Вест Бром, а Јунајтед ќе се сретне со Фулам.


Фото: Принтскрин/Twitter

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Еве што прави Златан додека Шведска е на Евро: Погледнете го видеото од 4. милиони лајкови!

ШВЕДСКА одлично турка на Евро без најдобриот стрелец во историјата и има четири бода од …