Денес е спомен на Светиот апостол Јаков: На неговиот гроб и’ денес се случуваат чудесни исцеленија!

Македонската православна црква денес го обележува споменот на Светиот апостол Јаков.

Син на Заведеј, брат на Јован, еден од дванаесетте Апостоли. Кога Господ Исус ги повика него и брат му Јован, тие веднаш ги оставија рибарските мрежи и својот татко и тргнаа по Него. Спаѓа меѓу оние тројца Апостоли на коишто Господ им ги откриваше најголемите тајни, пред кои се преобрази на Тавор и пред коишто тагуваше во Гетсиманската градина пред да пострада. Откако Го прими Светиот Дух, свети Јаков по разни краишта го проповедаше Евангелието и отиде дури до Шпанија. Кога се врати оттаму со него Евреите почнаа да се препираат за Светото Писмо. Бидејќи никако не можеа да го надвладеат во препирката, тие најмија еден маѓесник Хермоген да му наштети.

loading...

Но, Хермоген и неговиот ученик Филип, обајцата беа победени од силата на Вистината што ја проповедаше Апостолот и откако беа поразени се крстија. Тогаш Евреите го обвинија кај Ирод и наговорија еден човек по име Јосија да го клевети Апостолот. Овој Јосија, кога го виде мажественото држење на светиот Апостол, и штом ја слушна јасната проповед за Вистината, се покаја и поверува во Христа. Кога го осудија на смрт Јаков, го осудија и Јосија. Тој го молеше Апостолот да му го прости гревот на клевета. А Јаков го прегрна, го целива и му рече: „Мир на тебе и прошка!“ И обајцата ги наведнаа главите под мечот и беа убиени за Господа Кого Го возљубија и Кому Му служеа. Свети Јаков пострада во 45. година во Ерусалим. Неговото тело беше однесено во Шпанија, а на неговиот гроб и денес се случуваат чудесни исцеленија.

Свети Донат
Епископ во Еврија Албанска. Бог му даде голема благодат на чудотоворство, па правеше многу чуда корисни за луѓето. Така претвори горчлива вода во питка, низведе дожд во сушно време, ја исцели од лудило царската ќерка, воскресна мртовец. Овој мртовец му го имаше исплатено долгот на својот заемодавец, но бидејќи беше несовесен, заемодавецот сакаше уште еднаш да си го наплати долгот и го бараше од вдовицата на покојниот. Вдовицата плачеше и му се жалеше на епископот. Свети Донат го опомена заемодавецот да почека да го погребаат човекот пред да поразговарат за ова. Но, заемодавецот настојуваше со жестокост. Тогаш Свети Донат му пристапи на мртовецот, го фати и му викна: „Стани, брате, и види што имаш со твојот заемодавец!“ Мртовецот се крена и со грозен поглед го погледна својот заемодавец, па му кажа каде и кога му го платил долгот. И потоа, тој ја побара од овој заемодавец својата писмена обврзница. Исплашен, заемодавецот му ја врачи неговата хартија, мртовецот ја искина и повторно легна и се упокои. Свети Донат мирно се упокои во длабока старост и отиде кај Господа во 387 година. Неговите мошти почиваат во Еврија во Албанија.


Светата маченичка Аргира
Христовата маченичка Аргира (Сребра) е родена во Бурса, од благочестиви родители. Штотуку се омажи за еден христијанин и во неа се загледа еден Турчин од соседството, па ја повикуваше на грев со него. Христољубивата Аргира ги одбиваше нечистите предлози на Турчинот. Но, овој се разбесни и ја обвини на судот дека божем сакала да прими ислам, па се откажала. Од судија до судија, од затвор до затвор, Света Аргира помина цели петнаесет години страдајќи за Христа. Зашто Го љубеше Господа над сè. Најпосле се упокои во затворот во Цариград во 1725 година.

Свети Игнатиј Брјанчанинов



Светиот Игнатиј е роден во 1807 година, во угледно руско семејство. Уште како дете често сакаше да ја посетува црквата, а дома имаше обичај да се моли и во текот на денот, не ограничувајќи се само на востановеното време – наутро и навечер. Подоцна, во студентските денови, во Санкт Петербург, тој се занимаваше подлабоко со умната молитва, и толку желно се вежбаше во неа, така што таа почна сама да дејствува во него. „Се случуваше навечер“, зборуваше тој за себеси подоцна, „да лежам во постела и да ја ставам перницата под глава, почнувајќи да ја кажувам молитвата, и така, не менувајќи ја положбата, не прекинувајќи ја молитвата, да станувам наутро, да одам на работа, на часови“. И покрај противењето на родителите, во 1827 година стапи во манастир. Се замонаши во 1831 година, а набргу потоа беше ракоположен во ѓакон, па во јеромонах. Во 1833 беше назначен за игумен на Сергиевата Лавра, во Санкт Петербург. Во 1857 година Светиот Синод го избра архимандритот Игнатиј за Епископ Кавкаски и Црноморски. На денот на своето наречение рече: „Од младоста тежнеев кон длабока пустина и никогаш не сум мислел за служење на Црквата во каков било свештенички чин. Да бидам епископ на своето срце и на Христос да Му ги принесувам на жртва помислите и чувствата осветени од Духот – тоа е висината кон која беше насочен мојот поглед.“ Поминувајќи во Сергиевата пустина дваесет и четири години, Епископот ја напушти во состојба на процут. За време на неговата управа обителта беше украсена со нови три прекрасни храма. Од оние коишто ги воспитуваше во монаштво Сергиевата пустина даде шеснаесет настојатели: десет архимандрити, пет игумени и еден управител. Обрнуваше внимание на воспитувањето на младите во школските установи кои беа во негова надлежност. Во 1861 година Епископот Игнатиј заради тешка болест се врати во Никола-бабаевскиот манастир, каде што на 30 април 1867 година за време на тивка молитва го затекнува смртта за којашто се подготвуваше во текот на целиот живот на земјата. Владиката Игнатиј Брјанчанинов ни остави обемно духовно дело собрано во шест тома: „Аскетски огледи“ во три тома, „Аскетска проповед“, „За современото монаштво“ и „Старечник“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вечерва започнува четвртото издание на музичкиот фестивал Андерфест Скопје

После точно една година Андерфест по четврти пат ќе го донесе најдоброто и најсвежото на …