Ден посветен на Апостолите Јасон и Сосипатар и девицата Керкира: Светци кои го посеаа семето на евангелската проповед

Според календарот на МПЦ, 11-ти мај е ден посветен на Светите апостоли Јасон и Сосипатар и девицата Керкира.

Овие двајцата беа од седумдесетте апостоли, а Керкира му беше ќерка на некој цар од островот Крф. Јасон и Сосипатар ги спомнува Апостолот Павле (Рим. 16, 21) и ги нарекува свои роднини. Јасон беше родум од Тарс, како и самиот Павле, а Сосипатар од Ахаја. Првиот Апостолите го поставија за епископ Тарсиски, а вториот – за епископ Икониски. Патувајќи и проповедајќи го Евангелието, овие двајца апостоли стасаа на островот Крф каде што успеаја да подигнат црква посветена на споменот на светиот првомаченик Стефан и да придобијат некои незнабошци за Црквата. Царот на овој остров ги фрли во затвор, а внатре беа затворени седуммина разбојници: Сагорниј, Јакисхол, Фаустијан, Јануариј, Марсалиј, Ефрасиј и Мамиј. Апостолите ги приведоа овие седуммина во Христовата вера и ги направија од волци јагниња. Кога слушна за тоа царот, нареди да ги убијат со врела смола.

Така сите примија маченички венци. А кога ги мачеше Апостолите, царската ќерка Керкира ги гледаше од прозорецот маките на Божјите луѓе, па штом дозна зошто ги мачат и самата се огласи за христијанка и им го раздаде својот накит на сиромашните. Царот се разгневи на својата ќерка и ја затвори во посебен затвор, па бидејќи со ништо не успеа да ја одврати од Христа, нареди и во затворот ја запалија. Затворот изгоре, но девицата остана жива. Кога го виде ова чудо, се крсти многуброен народ. Тогаш царот разјарен нареди и ја врзаа ќерка му за едно дрво и ја убија со стрели. Оние што поверуваа во Христа побегнаа од страшниот цар на блискиот остров и се сокрија. Царот тргна на кораб за да ги фати, но коработ потона во морето и нечестивиот цар загина како некогаш фараонот. Новиот цар ја прими Христовата вера, се крсти и го доби името Севастијан. Јасон и Сосипатар слободно го проповедаа Евангелието и ја утврдуваа Црквата Божја на Крф до нивната длабока старост и таму го завршија својот земен живот, па преминаа кај Господа.

Светите маченици Максим, Дада и Квинтилијан
Пострадаа во времето на Диоклецијан. Ги осуди и ги мачеше војводата Тарквиниј. После затворот и измачувањата, најпосле ги убија со меч.

Светиот маченик Тибал
Словен од Панонија. Во времето на Диоклецијан беше страшно мачен за верата во Христа и чесно пострада во местото Цибал.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Филипче: После 70 години за првпат е реновиран Здравствениот дом д-р Хаим Абраванел во Битола

За првпат после 70 години се реализираше комплетна обнова на внатрешните простории во ЗД д-р …