Денес се слави Светиот великомаченик Георгиј Победоносец (Ѓурѓовден):Празник на обновувањето на природата и на животот

Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот (или на 23 април според стариот) календар.

Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.

Овој славен и победоносен светител беше роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострада за Христа, а мајка му се пресели во Палестина. Кога порасна, Георгиј отиде во војска и во својата дваесетта година го стекна чинот трибун и како таков служеше при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапи пред него и одважно исповеда дека е христијанин. Царот го фрли во затвор, па нареди нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа нареди да го врзат на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи. Потоа со помош на некој магионичар му даде да испие смртоносен отров. Но, при сите овие маки, Георгиј непрестајно Го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта. Кога свети Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле, царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, свети Георгиј без тешкотии остави сè заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.


Овој светец се смета за граница меѓу зимата и летото, празник врзан за здравјето на домашните, венчавки, плодност на стоката и добри посеви.
Главен обичај е плетење венец од билки, миење со цвеќиња, капење во река.
Венецот сплетен од цвеќиња треба да се стави на влезната врата во куќата и тоа значи дека домот и годината ќе бидат богати.

Наутро со билките и со цвеќињата што домаќинката претходно ги потопила во вода, прво се мијат децата за да бидат здрави како дрен преку цела година, девојките и момчињата се грабаат околу нив, старите да бидат витални, а домашните куќата да им биде чувана.
Се верува дека на Ѓурѓовден не треба да се спие, бидејќи главата може да ве боли цела година.
Во селата се палеле големи огнови за да се избркаат сите зли и лоши сили.
Се верувало дека ако е ведро, годината ќе биде плодна, а ако врне, дека ќе биде сушна година.

Свети Гликериј земјоделец
Кога светиот великомаченик Георгиј беше ставен во затвор, се расчу за него по целиот град и околината. Мноштво луѓе доаѓаше ноќе во затворот, давајќи им големи дарови на чуварите, за да можат да го видат светителот и од него да го почувствуваат духот на храброста, на радоста, на верата и љубовта. Помеѓу овие луѓе беше и сиромашниот Гликериј. Во свој посед имаше само еден вол, кој пцовиса дури со него ја работеше нивата. Гликериј падна пред нозете на свети Георгиј и го молеше да му помогне. Гледајќи ја неговата искрена исповед дека верува во Бога, светиот му рече да не се грижи, затоа што неговиот вол е жив. Кога си дојде дома, најде дека навистина неговиот вол е жив. Се врати при светиот Георгиј да му се заблагодари викајќи гласно: „Голем е Богот на Георгиј“. Заради тие зборови беше фатен и ставен во затвор, и на крај и самиот пострада посечен со меч.

Светиот маченик Лазар Нови
Родум Бугарин од Габрово. Како момче го остави родниот крај и отиде во Анадолија. Таму во едно село Сома, чуваше овци. Но, со својата вера го навлече на себе гневот на Турците и еден ага го фрли во затвор. После долги мачења, нечовечно малтретирање, а кое Лазар од љубов кон Христа го поднесе храбро, го убија, на 23 април 1802 година. Господ го прими во Своите вечни дворци и го прослави на небото и на земјата. Од неговите свети мошти се случија многубројни чуда.

Светата маченичка Александра, царица Римска
Александра беше сопруга на императорот Диоклитијан, и потајно беше христијанка. Гледајќи ја силната вера на светиот Георгиј, за време на неговото мачење, таа се реши отворено да посведочи за својата вера во Иисуса Христа. Се упати кон местото каде што го мачеа свети Георгиј, падна пред нозете на маченикот и пред сите објави дека е христијанка. Озлобениот Диоклитијан веднаш ја осуди на смрт. Александра мажествено ја прими таа пресуда и кротко појде на местото на казната, молитвено обраќајќи се кон Бога. По патот, бидејќи беше уморна, ги замоли војниците да ѝ дозволат малку да се одмори. Се потпре на еден ѕид и тивко се упокои. Нејзиното упокојување беше на 21 април 303, но нејзиниот спомен се празнува на 23 април, заедно со великомаченикот Георгиј.

Свети Сава Гот
Овој славен Сава живееше во Рим во времето на царот Аврелијан и имаше војводски чин. По потекло беше Гот. Често ги посетуваше христијаните по затворите и им помагаше со својот имот. Заради неговата голема чистота и подвигот на испосништво, Бог му даде власт над нечистите духови. Кога го обвинија како христијанин, тој смело застана пред царот, го фрли пред него својот војнички појас и јавно Го исповеда Господа Христа. Беше мачен со разновидни маки: го биеја, го стружеа со железо и го гореа со свеќи. Но, не им подлегна на тешките маки, туку се јави жив и здрав. Неговите другари, војници, гледајќи дека на Сава очигледно му помага Бог, се обратија кон Христа. Седумдесетмина од нив беа веднаш убиени со меч. Самиот Господ му се јави во затворот на свети Сава во голема светлина и го укрепи Својот маченик. По ова, Сава беше осуден на смрт со потопување во вода. Го фрлија во длабока река, и така Му ја предаде душата на Бога во 272 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес е духовденска задушница: Да си спомнеме на починатите на достоинствен начин

Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со …