Шведска студија: Крвна група со најмногу ризик од тромб

Постојат различни причини и фактори кои влијаат на тоа дали некој ќе развие опасен тромб и колку е склон кон тромбоза. На сè влијае возраста, лековите што ги земате, бременоста, па дури и висината, но новото истражување предупредува дека треба да се земе предвид и крвната група.

Имено, луѓето со крвна група А имаат поголем ризик од развој на тромби, тврди студија спроведена на универзитетот Лунд во Шведска. Истражувачите ги искористиле здравствените досиеја на повеќе од пет милиони луѓе за да најдат потенцијална поврзаност помеѓу крвните групи и повеќе од илјада болести.
Студијата открила дека луѓето со крвна група А имаат поголем ризик од развој на тромби, поточно белодробна емболија и венска тромбоза.

Белодробна емболија е блокада на една од пулмоналните артерии во белите дробови. Во повеќето случаи, тоа е предизвикано од згрутчување на крвта што патува до белите дробови од длабоки вени на нозете или ретко од вени на други делови од телото, објаснуваат Клиниката Мајо, пренесува Healthline.
Претходната студија на Американското здружение за срце (АХА), објавена во списанието „Arteriosclerosis, Thrombosis, and Vascular Biology“ во 2020 година, покажала дека во споредба со луѓето од крвна група 0, оние со крвни групи А и Б имаат 51% поголем ризик од развој на длабока венска тромбоза и 47% поголем ризик од развој на белодробна емболија.

Сепак, шведската студија тврди дека луѓето со крвна група А се изложени на поголем ризик. Треба да се напомене дека овие тромби се различни од оние поврзани со вакцините, кои се однесуваат на случаи на тромбоза со тромбоцитопенија. Ова се случува кога некое лице има тромби (тромбоза) заедно со мал број на тромбоцити (тромбоцитопенија).
Тромбоцитите се клетки кои циркулираат во нашата крв и се врзуваат заедно кога ги препознаваат оштетените крвни садови, објаснува д-р Марлен Вилијамс, директор на единицата за коронарна нега во медицинскиот центар Џон Хопкинс Бејвју.
Иако луѓето со крвна група 0 се помалку склони кон згрутчување на крвта, сепак тие имаат поголем ризик од друг проблем со крварење. Шведската студија покажала дека луѓето со крвна група 0 имаат поголема веројатност да имаат нарушување на крварењето, поточно чир на желудник.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сте ИЗГОРЕЛЕ на сонце? Еве што да направите кога кожата после сончање ќе почне да ви се лупи!

Важно е редовно да користите крема за сончање и да избегнувате изгореници. Секое лице барем …