Денеска е Недела на Света Марија Египетска: Седмица во која Црквата ја достигнува полнотата на покајанието

Петтата недела од Великиот Пост е посветена на преподобната Марија Египетска бидејќи во оваа недела, една пред почетокот на Страсната Седмица, Црквата ја достигнува полнотата на покајанието. А светата Марија Египетска е впечатлив пример токму на длабоко покајание.. Таа од својата дванаесетта година почнала да живее развратно и во разврат поминала седумнаесет години. Во една прилика, дошла во Јерусалим и посакала да влезе в црква и да му се поклони на Чесниот Крст, но некоја невидлива сила ја задржувала и не ѝ допуштала да влезе. Во голем страв погледнала во иконата на Пресвета Богородица во припратата на црквата, молејќи се кон Пречистата да ѝ дозволи да влезе и да го целива Чесниот Крст, ветувајќи дека потоа ќе го смени својот живот. Тогаш ѝ било дозволено да влезе в црква. А таа, откако го целивала Чесниот Крст, оставила сè и се населила во пустината од другата страна на Јордан. Таму поживеала цели четириесет и осум години, во преголеми маки, во борба со страсните помисли како со диви ѕверови. Така, таа од голема грешница, со Божја помош, станала голема светителка.

Денес се чествува Света Марија Египетска која претставува надеж за сите оние кои искрено ќе се покајат и ќе тргнат по вистинскиот пат со помош на божјата правда…

Житието на оваа светителка го напиша ерусалимскиот патријарх свети Софрониј. Еден свештеномонах, старецот Зосим, се оддалечи еднаш за време на Чесниот Пост во задјорданската пустина, на растојание од дванаесет дена одење. Одеднаш здогледа едно човечко суштество, суво, голо во телото, со коса бела како снег, кое веднаш почна да бега од погледот на Зосим. Старецот долго трчаше додека онаа човечка прилика не прилегна во потокот и не викна: „Авво Зосиме, прости ми заради Господ, не можам да ти се обратам, зашто сум гола жена!“ Тогаш Зосим и’ ја дофрли својата горна наметка и таа му се јави. Старецот беше застрашен од звукот на своето име што го изговорија усните на таа непозната жена. На негово долго настојување жената му го раскажа своето житие. Таа била родена во Мисир и од својата дванаесетта година почнала да живее развратно во Александрија и во разврат поминала цели седумнаесет години. Гонета од блудниот телесен оган еден ден седнала на кораб што пловел за Јерусалим. Кога пристигнала во Светиот Град, посакала и таа да влезе в црква и да му се поклони на Чесниот Крст, но некоја невидлива сила ја задржувала и не ѝ допуштала да влезе. Во голем страв погледнала во иконата на Пресвета Богородица во припратата на црквата, молејќи се кон Пречистата да ѝ дозволи да влезе и да го целива Чесниот Крст, исповедајќи ја својата грешност и нечистотија, а ветувајќи дека по ова ќе појде таму каде што ќе ја упати Богородица. Тогаш ѝ било дозволено да влезе в црква. Откако го целивала Чесниот Крст повторно излегла во припратата пред иконата и ѝ се заблагодарила на Пресвета Богородица, но во тој миг чула глас: „Ако го преминеш Јордан, ќе најдеш мир!“

Таа веднаш купила три леба и тргнала кон Јордан, каде што стигнала истата вечер. Утредента се причестила во манастирот на Св. Јован и ја преминала реката. Во пустината поживеала цели четириесет и осум години, во преголеми маки, во страв, во борба со страсните помисли како со диви ѕверови. Се хранела со зелје. Сега таа го замоли свети Зосим идната година да дојде на брегот на Јордан и да и’ донесе Причест, ветувајќи му дека ќе дојде да се причести. Следната година авва Зосим дојде на брегот носејќи ѝ Света Причест, а се чудеше како светителката ќе го премине Јордан. Во тој миг виде на блесокот од месечината дека таа дојде до реката, ја прекрсти и појде по водата како по суво. Кога ја причести, го замоли идната година да дојде кај истиот оној поток каде што се видоа првпат. Авва Зосим појде и на тоа место го најде нејзиното мртво тело, а над главата натпис: „Погребај го, авво Зосиме, на ова место телото на смирената Марија, предај му го правот на правот, се претставив на први април, во ноќта на спасоносното Христово страдање, по причестувањето со Божествените Тајни“. Од овој натпис авва Зосим го дозна прво нејзиното име, а второ страшното чудо дека таа претходната година, истата онаа ноќ кога се причести, стасала до овој поток до којшто тој мораше да патува дваесет дена. Вака Зосим го погреба телото на чудесната светителка Марија Египетска. А кога се врати во манастирот, ја раскажа целата историја на нејзиниот живот и чудото коешто самиот го виде од неа. Така ја прослави Господ покајаната грешница. Света Марија се споменува и во петтата недела на Чесниот Пост. Во тие денови Црквата им ја предочува на верните како пример за покајание. Се упокои во Господа околу 530 година.

Светите маченици Агатопод и Теодул
Првиот беше ѓакон, а вториот чтец на црквата во Солун; првиот преукрасен со старечка мудрост, а вториот со младешка девственост. Во времето на Диоклецијановата хајка на христијаните овие двајца беа повикани на суд. Тие се одѕваа со радост и држејќи се еден за друг за рака одеа викајќи: „Ние сме христијани!“ Сите совети на судиите да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите останаа залудни. После долготраен затвор и гладување, ги осудија на смрт со потопување во морето. Рацете им ги врзаа наопаку и им обесија по еден тежок камен на вратот, па ги поведоа на потопување. Кога сакаа да го турнат прв Агатопод во длабочината, тој извика: „Еве, со второ Крштение се миеме од сите наши гревови и излегуваме чисти пред Христа Иисуса!“ Нивните потопени тела морето наскоро ги исфрли на брегот, а христијаните чесно ги погребаа. Свети Теодул на сон им се јави на своите познаници како светол ангел во бела облека и им нареди сиот негов преостанат имот да им го раздадат на сиромасите. Овие прекрасни Христови војници чесно пострадаа за верата во времето на царот Диоклецијан и солунскиот кнез Фаустин, во 303 година.

Преподобен Марко Трачески
Се нарекува уште и Атински, според неговото родно место Атина. Кога таму ги заврши високите школи, родителите му умреа. Тој во себе помисли дека благовремено треба да се подготви за чесен излез од овој свет. Откако им го раздаде имотот на сиромашните, седна на една штица и тргна по морето со тврда вера во Божјата помош и молејќи Го Бога да го одведе на место коешто ќе ѝ биде угодно на Неговата Света волја. Промислителот Бог го одведе во Ливија (или Етиопија), на планината наречена Траческа. На оваа планина Марко се подвизуваше полни деведесет и пет години и не виде таму ниту човек ниту ѕвер. Цели триесет години водеше страшна борба со демоните и се мачеше со глад и жед и жега и мраз. Јадеше земја и пиеше морска вода. После триесет години најжестоко страдање, демоните победени побегнаа од него, а ангел Божји почна секој ден да му носи храна во вид на леб, риба и овошје. Пред смртта дојде да го посети свети Серапион којшто потоа и го објави житието на овој чудесен светител. Марко го запраша Серапион: „Има ли денес христијани во светот кои кога би ѝ рекле на оваа гора: ’Дигни се одовде и фрли се в море’, тоа и би се случило?“ Во тој миг кон морето се крена планината на којашто седеа самите. А Марко замавна со раката и ја запре велејќи ѝ: „Не ти зборувам тебе, врати се назад“. Таква чудотворна сила имаше овој Божји човек. Пред смртта се помоли за спасението на луѓето и Му ја предаде својата душа на Бога. Свети Серапион ги виде ангелите што ја зедоа душата на свети Марко и раката што се пружи од небото за да ја прифати. Свети Марко поживеа сто и триесет години и се упокои во Господ околу 400 година.

Преподобна Теодора Солунска
Теодора беше жена на имотен и благочестив човек и живееше на островот Егина. Но, кога Арапите ја загрозија Егина, тие се преселија во Солун. Овде својата ќерка единица ја дадоа во манастир и таа во монаштвото го доби името Теописта. Наскоро мажот ѝ на Теодора се упокои, та и Теодора се замонаши. Беше голема подвижничка. Често слушала ангелско пеење и им говорела на сестрите: „Не слушате ли колку прекрасно пеат ангелите во небесното светилиште?“ Се упокои во седумдесет и петтата година од животот, во 879 година. Од нејзиното тело потече целебно миро, од кое многумина се исцелија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Филипче: После 70 години за првпат е реновиран Здравствениот дом д-р Хаим Абраванел во Битола

За првпат после 70 години се реализираше комплетна обнова на внатрешните простории во ЗД д-р …