Проф. д-р Гривчева – Старделова: Лекарите покажаа силна истрајност и несебична грижа за пациентите

Проследуваме обраќање на претседателот на Лекарска комора на РСМ, проф. д-р Калина Гривчева – Старделова по повод 7 Април, Светскиот ден на здравјето:

„Здравјето е основно човеково право, а секоја личност заслужува да живее здрав живот без оглед на возраст, пол, етничка припадност, економска состојба. Во годината што ја оставивме зад нас во услови кога светска пандемија предизвикана од ковид-19 ги атакуваше сите сфери на општественото живеење, повеќе од било кога стана јасно колку е важна грижата за здравјето и улогата која ја има здравствениот систем во поширокиот контекст на живеењето.

Во периодот што измина се соочивме со многу предизвици во менаџирањето на сите нивоа на здравствениот систем, со дел од нив тековно се справивме, но дел ќе треба да се разгледаат и разрешат во периодот кој следи. Воедно, исплива на површина и потребата за преземање конкретни чекори за воспоставување и овозможување пристап до квалитетни здравствени услуги без соочување со финансиски потешкотии за секој поединец во општеството.

Од круцијално значење за справување со пандемијата е обезбедувањето на оптимални количини на вакцини за да се постигне масовна имунизација, но и одржливо обезбедување на неопходен здравствен персонал. Треба да се истакне и дека здравствените професионалци во земјава одговорно и на ниво на својата задача се одзваа на повикот за вакцинирање  и според официјалните податоци 75 отсто од нив веќе се вакцинирани против ковид-19.

Здравствените работници имаат значајна улога во изградбата на здравствениот систем и тие професионално, посветено и пожртвувано се грижат за здравјето на граѓаните. Во изминатите месеци соочени со предизвикот од непознатото и притисокот за спасување на човечки животи лекарите вложуваа натчовечки напори за да обезбедат квалитетна здравствена заштита. Поради тоа Лекарската комора изразува најдлабока почит и благодарност до сите здравствени професионалци за силната истрајност, упорност и несебична грижа за сите пациенти, а особено за оние кои се соочија со ковид-19. Посебна почит искажуваме кон лекарите кои битката за животот на другите ја платија со сопствениот живот.

Во името на Лекарската комора го честитам 7 Април, Светскиот ден на здравјето со повикот за заедничка акција и солидарност на сите вклучени страни, здравствените работници, пациентите и надлежните институции, бидејќи само така може да се даде соодветен одговор на предизвикот со кој се соочуваме“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

(ВИДЕО – ВО ЖИВО) Погреб на принцот Филип: Службата започна – на испраќањето само најблиските – братучед ги дели Хари и Вилијам

Принцот Филип, војводата од Единбург и сопруг на кралицата Елизабета Втора, кој почина минатата недела …