Најмладиот ракометен селектор во нашата историја, Кирил Лазаров ги пречека своите избраници со кои во рамките на европските квалфикации за пласман на ЕП 2022 година ќе игра против светскиот шампион Данска.
Во потесниот список на Лазаров, се најдоа 23. ракометари, но на вчерашниот собир недостигаа неколку репрезентативци кои сè уште имаат клупски обврски.
Репрезентацијата треба да биде комплетна во понеделник. Првиот дуел со Данска го играме на 11. март во Скопје, а три дена подоцна гостуваме во Алборг.
По две одиграни кола од квалификациите Македонија и Данска ја делат првата позиција со по две победи, додека без бодови се селекциите на Финска и Швајцарија.
Нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров за првпат во улога на селектор ги собра нашите ракометни репрезентативци пред двомечот со Данска во продолжението од квалификациите за пласман на ЕП 2022 година.
View this post on Instagram
„За мене како селектор на Македонија ова е деби. Ни доаѓа двократниот светски првак и олимписки првак, селекцијата на Данска. Некомплетни сме, но очекувам во понеделник да се комплетира репрезентацијата. Во контакт сум со играчите, некои се уште имаат обврски со клубовите. Во понеделник 90% се комплетираме, само Жарко Пешевски доаѓа вечер и во вторник треба да бидеме сите тука. Имаме доста време да се подготвиме, затоа што и мечот е преместен за во четврток. Овие два дена ќе ги искорстиме со домашните играчи и со нив ќе имаме повеќе време да работиме“, вели Лазаров.
View this post on Instagram
На прашањето каква тактика подготвува и како ја гледа македонската ракометна репрезентација на теренот, тој додаде:
„Посакувам модерна Македонија. Македонската публика не можеш да ја излажеш, ова е ракометна нација. Ги знаеме недостатоците на нашата репрезентација од минатото. Во време сме кога имаме некоја промена на генерации, но мора да работиме постепено. Во меѓувреме мора да мислиме и на резултати и да продолжиме со континуитет на големите натпреварувања. Времето е тука, го имаме. Со моите соработници и јас како селектор ќе се посветиме максимално. Имам верба. Имаме конкретен план и за Данска и за сега и за иднината. Мора да одиме чекор по чекор. По каков било пораз или победа не смее да ни ги поремети плановите. Имаме квалитети и во играчите и во стручниот штаб. Македонија не треба да стравува. Ќе направиме добар ракомет“.
View this post on Instagram
Лазаров на стартот на селекторското искуство ќе мора да биде и играч. Дали тоа ќе му прави проблеми?
„Јас би бил најсреќен да не морам да играм. Но реков. Имаме краткорочни и долгорочни цели. За да ги исполниме долгорочните, мора да ги реализираме краткорочните. Јас секој момент кога ќе проценам или процениме да не бидам на терен, јас ќе бидам најсреќен да не бидам таму. Затоа и земавме повеќе соработници за да работиме заедно. Подготвен сум на ова. Скоро секогаш во овие десетина последни години сум бил десна рака на тренерите, сум давал совети. Но, ова е голем предизвик, а јас верувам дека она што го имаме зацртано ќе го исполниме“- изјави Лазаров.
Фото::sportmedia.mk