Денеска е Недела на блудниот син: Втора недела пред великиот пост

Во овој ден го празнуваме враќањето на блудниот син. Има некои коишто живеат мошне блудно уште од млада возраст, и во пијанство и во нечистотија, и откако ќе паднат во длабочината на тие зла, доаѓаат до очај, кој, пак, е пород на гордоста. И затоа не сакаат да дојдат до грижа за добродетелите, туку уште подлабоко запаѓаат во злото. Светите отци човекољубиво имаат одговор за таквиот човек, и сакајќи да го одвлечат од очајанието таквиот, му ја принесуваат тука оваа приказна која страстите на очајот ги истргнува од корен, а луѓето ги упатува кон добродетелите. Покажувајќи дека никој од гревовите не може да го надмине Божјото благоутробие и Неговиот човекољубив разум. Во приказната, еден татко има двајца синови. Постариот постојано прибива во заповедите Божји и никогаш не ги престапува, додека помладиот го засакал гревот, и се откажал од заедницата со Бога заради своите срамни дела и на лукавиот демон му служел, робувајќи им на страстите, и не можел да се насити. Бидејќи гревот е ненаситна работа, која станува навика и извор на привремени задоволства. Тој може да се спореди со рогчињата со кои биле хранети свињите. Најпрвин тие се чинат дека може да се вкусни, но се покажува не се хранливи, туку се премногу суви и не заситуваат. Блудниот син едвај си дојде на себеси, кога полн со глад за добродетелите дојде при својот татко велејќи „Татко, згрешив пред небото и пред тебе и не сум достоен да се наречам твој син“. Сепак, татко му го прима во покајание, без да го укорува, туку го прегрнува и го бакнува, покажувајќи ја својата божествена и родителска љубов. Го облекува, символизирајќи го крштението, му става прстен на раката, кој е символ на Сесветиот Дух. Исто така му става сандали на нозете, не како заштита од змии и скорпии кои би можеле да го убодат при неговото патување кон Бога, туку повеќе како средство да им ги скрши главите на таквите суштества. И, на крај, во изобилен знак на радост, тој го коле угоеното теле, Својот Единороден Син, и Отецот му ја дава Причеста – Неговите Тело и Крв.

Светиот апостол Онисим
Еден од седумдесетмината апостоли. Му беше роб на Филимон, човек богат и угледен во градот Колоси во Фригија, но нешто му згреши на својот господар и побегна во Рим, каде што од апостолот Павле го слушна Евангелието и се крсти. Па, бидејќи Павле претходно го имаше приведено и Филимон кон вистинската вера, тој сега ги измири овие двајца, Филимон и Онисим, господарот и робот, пишувајќи му посебно послание на Филимон, еден од најтрогателните пишани состави кои воопшто постојат во Светото Писмо. „Те молам“, пишува, „за мојот син Онисим, кого го родив во оковите свои… Можеби затоа се раздели од тебе на некое време, за да го добиеш вечно, не повеќе како роб а повеќе од роб, како брат возљубен.“ Трогнат од ова писмо, Филимон навистина го прими Онисим како брат и го ослободи од робувањето. Подоцна Онисим од самите апостоли беше поставен за епископ и по смртта на апостолот Тимотеј ја прими Ефеската Столица. Тоа се гледа од посланието на свети Игнатиј Богоносец. Во времето на Трајановото гонење Онисим веќе беше старец. Го уапсија и го одведоа во Рим. Овде одговараше пред судијата Тертул, одлежа затвор и најпосле го убија со меч. Неговото тело го зеде некоја богата жена, го положи во сребрен ковчег и чесно го погреба во 109 година.

Преподобен Евсевиј
Сириски пустиник. Најпрво се подвизуваше под раководство на свети мажи, а подоцна се оддалечи и се осами во пустина. Се хранеше исклучиво со растителна храна. Дури ни овошје не вкусуваше. Целото време го минуваше под ведро небо, во молитва, трпејќи секаква временска непогода. Доживеа старост од деведесет и пет години и мирно се упокои во Господа, во 440 година.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

КОРОНА ВИРУС ВО МАКЕДОНИЈА – Денеска се регистрирани 4. нови случаи на Ковид 19 – Пријавенo е 1. починатo лицe

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје: Во последните 24 часа …