Во издание на „Македоника литера“ ОБЈАВЕНА КНИГАТА „АЛБАНСКИОТ ПРОБЛЕМ ВО ЈУГОСЛАВИЈА ПО ТИТО“ НА БУГАРСКАТА ИСТОРИЧАРКА МАРИЈАНА СТАМОВА

„Македоника литера“ ја објави книгата „Албанскиот проблем во Југославија по Тито (1980 – 1990)“ од Маријана Стамова, доктор по историски науки и доцент на Институтот за балкански студии со Центар за тракологија при Бугарската академија на науките.

Во оваа книга се разгледува и се оценува турбулентниот период меѓу два важни историски настана: смртта на Тито и почетокот на посттитовскиот период кога имаше сериозни знаци на распаѓање на Југославија (растечки економски тешкотии; ослабена политичка будност, итн.), и XIV вонреден конгрес на СКЈ, кога се создаваат објективни услови за реално распаѓање на државата. Во овој контекст, албанскиот фактор зазема особено важно место за иднината на југословенската федерација во судбоносните 80-ти години на минатиот век. Научноистражувачкиот интерес на авторката за албанскиот проблем во Југославија по смртта на Јосип Броз Тито во 1980 година е предизвикан од бурните настани од тоа време согледани од историска временска дистанција.

Маријана Стамова разгледувањето на темата на книгата го започнува со условите и општествениот контекст во 70-тите години на минатиот век кога почнува да се изострува албанското прашање во југословенската федерација, анализирајќи ги историските корени на овој проблем и пред сè уставното уредување на југословенската федерација. Таа детално ги согледува сите позначајни судири и манифестации на албанскиот и на српскиот национализам, дејствувањето на партиските и државните структури во Србија, покраината, федерацијата, но и нивното влијание во еден поширок контекст – во другите републики во федерацијата. Согледан и е албанскиот проблем во Македонија во тој период. Оваа студија на Стамова се потпира на богата фактографија, користена од голем број библиографски а архивски извори. Бидејќи во неа е темелно елаборирана политичката состојба на тогашна Југославија во период од една деценија во која всушност се менуваат, заоструваат и преуредуваат и односите во самата федерација и односите меѓу федералните единици, оваа книга на Маријана Стамова истовремено претставува и своевидна историја на распаѓањето на Југославија.

Научноистражувачките интереси Маријана Стамова се поврзани со албанското прашање на Балканот и конкретно во Југославија по завршувањето на Втората светска војна; улогата на албанскиот фактор во процесите на нејзиното распаѓање; местото и положбата на Албанците во новите независни држави. Се занимава и со современите аспекти и тенденции во развојот на Република Македонија, нејзината внатрешна и надворешна политика, етномалцинските проблеми со кои се соочува по нејзината независност во 1991 година. Стамова е автор на околу 90 научни студии и написи и на четири книги, од кои две се преведени на албански јазик: „Албанското прашање на Балканот (1945 – 1981)“, 2005, „Албанскиот фактор во Социјалистичка Република Македонија (1945 – 1981)“, 2012 (2014 – на албански), „Албанскиот проблем во Југославија по Тито (1980 – 1990)“, 2016, „Албанците во СР Македонија во текот на последната деценија во Титова Југославија (1981 – 1991)“, 2017 (2018 – на албански јазик).

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Одбележување на Европски денови на културно наследство 2021 во Националната галерија

Европските денови на културнотo наследство претставуваат нajшироко прифатен партиципативен културен настан којшто го споделуваат граѓаните …