Web

Од денес до 8.03. ДЛУМ со изложбата „СОВРЕМЕНА СКУЛПТУРА“ 2021

Друштвото на ликовни уметници на Македонија под покровителство на Министерството за култура на Р.С.Македонија, ја поставува изложбата „СОВРЕМЕНА СКУЛПТУРА“ во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ, ГТЦ 2 кат локал 306, во Скопје која што љубителите на уметноста ќе може да ја видат од утре 25.02.2021 година до 08.03.2021 во работно време на галеријата односно од понеделник до петок од 10 -17 часот. 

Оваа година селектор на изложбата „Современа скулптура“ е историчарот на уметност Благоја Варошанец која што во својот текст ќе истакне:

„ Анализите на современата скулптура како дел од континуираните изложби на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, покажуваат дека изложбата Ситна пластика од почетокот на 80-те години на минатиот век, подоцна еволуира во Современа скулптура и има несекојдневна и необична приказна, односно историјат директно поврзан со начинот на нејзиното конституирање, но и со начинот на нејзината изложбена интерпретација. Современата македонска скулптура, од самите почетоци на модерниот израз, ги носи сите атрибути на жива, менлива материја, која дава можност за различни „варијации“ во изложбената поставка.

Скулптурата ја следиме преку стилската аналогност, разновидните истражувања на уметниците и нивните индивидуални стремежи, но и како медиум за интерпретација и дејствување во различни правци во уметноста. Аналогноста на изразот во контекст на различни ликовни правци нуди разновидност како во техниката, така и во материјалот. Динамиката на размислување прикажува различни приоди на модулации при чинот на создавање – вајање. Интензитетот на постоењето, на скулпторот му ја открил вистинитоста на формата, а формата е менлива до хегемонија на постмодерната.

Од пластичност до фрагменти, визуелни сензации на различни медиуми, скулптурите доведуваат до поместување на уметничките дисциплини, а материјалот го одредува обликот. На оваа изложба доминира фигуративната скулптура и геометриската апстракција. Структуралните моменти, пак, прават јасни разлики кај оние скулптури со вајарска природа и оптичка чувствителност кај некои од скулптурите кои припаѓаат на некој простор кој продолжува во некој друг. Тие го ослободуваат вајарството од претставувањето и го утврдуваат како слободна форма. Доминираат творби од метал, дрво, бронза, пластика, но и објекти кои се доближуваат до цртеж, инсталација.“

На изложбата учество земаат:  Александар Јанев, Ана Димчевска Семенпеева, Ангел Димовски Чауш, Ива Станковска, Љупчо Бојаров, Маја Танева, Марина Цветановска Мартиновска, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски, Слободан Милошески и Златко Бојковски.

На изложбата се доделува една парична награда од семејството на нашиот истакнат скулптор Боро Митриќевски која што го носи неговото име. Оваа година добитник на наградата е скулпторот Слободан Милошески за делото со наслов „Воздигување“.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

„Воздигнување“

метал / 89 х 13 х 19 см

2020

 

 

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

Македонскиот стрип дел од проектот „CAN FOR BALKANS“

Стрип центарот на Македонија-Велес започна со локалната имплементацијата на мегународниот проектот CAN(Comic alliance Networking)  FOR …