(ВИДЕО+ФОТО) Пристигнале нови фотографии од Марс: Роверот „Истрајност“ ги испратил првите панорамски призори на „Црвената планета“!

Роверот на НАСА „Истрајност“ ја испратил првата панорамска слика со висока дефиниција од површината на Марс на Земјата, објави американската агенција за истражување на вселената.
Фотографијата што го опфаќа целиот круг е составена од 142 слики направени на 21. февруари од камерата „Масткем-з“.
Сликата покажува пуста област со геолошки формации, вклучувајќи карпа со усечоци на ветер и работ на кратерот Језеро, каде што роверот слета минатата недела.

НАСА соопштила дека модерната камера ќе им помогне на научниците да ги испитаат атмосферските услови во кратерот и оддалеку да ги идентификуваат видовите карпи и седименти кои треба да се испитаат со помош на инструменти на роверот.
Џим Бел, истражувач од Државниот универзитет во Аризона, кој ја води операцијата со камерата „Масткем-з“, рекол дека сликата потврдува дека роверот се спуштил на идеално место.

„Истрајност“ патуваше низ вселената скоро седум месеци по лансирањето од Кејп Канаверал во Флорида.
Научниците се надеваат дека ќе пронајдат докази во езерскиот кратер дека на Марс во минатото постоеле микроби. Марс имаше вода на својата површина пред милијарди години, а претпоставката дека можеби постоел некој облик на живот на планетата се базира на тоа.
„Истрајност“ ќе ја истражува површината на Марс, неговата геологија и клима најмалку две години, а исто така ќе собере примероци од карпите и почвата.

Фото: Принтскрин/Twitter

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Филипче: „Пуштен во употреба новиот лабораториски фрижидер за Клиниката за Ортопедија, донација од Германската амбасада“

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, заедно со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн …