Започнува ВАДА – првата академија за улични танци која ќе донесе светски предавачи од САД во нашата земја!

Американската Амабсада во С.Македонија и Битрикс Културен Центар креатори на голем и значаен пионерски проект во урбаните танци!

Од 21.02.2021 започна проектот ВАДА – Виртуелна Американска Танцова Академија во креација на координаторката Ивана Балабанова од Битрикс Културно-уметнички Центар и Американската Амбасада во С.Македонија, а во кој како партнери се јавуваат КСП „ЦЕНТАР ЈАДРО“ (Јасмина Билаловиќ) и “Младински Културен Центар” (Ванчо Богоев), како и The Bureau of Educational and Cultural Affairs ( ECA) of the U.S. Department of State, American Voices и American Dance Abroad oд Соединетите Американски Држави.

ВАДА претставува голем пионерски проект не само во нашата земја, туку и во светски рамки, бидејќи се’ уште речиси и да не постојат танцови академии за улични (кај нас познати како урбани танци) во светот. Со овој проект, неговите креатори се надеваат на трасирање на патот кон професионализација на уличните танци и култура, обезбедувајќи структуриран, долгорочен процес за едукација на младите и обезбедувајќи можност за издигнување на танцовата сцена кај нас на значително повисоко ниво.

Иако уличните танци се практикувани од над 7000 млади во земјата, тие се’ уште не го добиле своето место во академските редови. Создавањето на овој пионерски проект, ќе ја позиционира С.Македонија на мапата на светот како точка на зародиш на нови стандарди во практикувањето на овие танцови стилови, нешто што ќе донесе значаен придонес во танцот кај нас, а со амбиции овој проект да се развие и да стане достапен и на интернационално ниво.

Танцовата академија ВАДА ќе им обезбеди на младите едукација со некои од најголемите танчарски имиња од САД, земјата на хип-хоп културата, а истата ќе се реализира во два дела, и тоа: Онлајн танцови работилници во времетраење од пет месеци во периодот февруари – јули и подготовка на танцов перформанс за што е предвидено во август предавачите од САД да дојдат во С.Македонија и да работат во живо со стипендистите.

Првиот курс на академијата во кој ќе се изучува танцовиот стил POPPING (попинг) овој викенд го започна реномираната танчарка и кореографка Marie Poppins, која е дел од триото Femme Fatale: https://www.youtube.com/watch?v=8MwoTxo_bsY, a во наредните курсеви е предвидено да се изучуваат и стиловите: animation, robotics, housе, dancehall, современ танц, брејкденс и мешавина од многу различни улични танци.

Во програмата ќе учествуваат 35 селектирани танчари и кореографи од Скопје, добитници на комплетна стипендија, а можност за надоградба на своите знаења ќе им се даде и на 25 танчари од: Куманово, Штип, Пробиштип, Охрид, Радовиш, Тетово, Струмица и Гевгелија.

Танчарите од Скопје, ќе ја следат програмата заеднички од просториите на Младински Културен Центар, согласно COVID протоколите, додека пак перформансите кои ќе се подготват во август, публиката ќе може да ги проследи во просториите на КСП Центар Јадро и Младински Културен Центар.


Овој проект ќе допринесе да се прошират видиците на нашите танчари и кореографи, да се зајакне нивната техника и базата на знаења за повеќе танцови стилови која се’ уште недостасува кај нас, но, уште повеќе од тоа, да се едуцира пошироката јавност за урбаната и современата танцова уметност и да се освежи програмата која е достапна за сите!

ВАДА – Хибридната танцова академија како пионер во трасирање на патот кон професионализација на урбаните танци и култура

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.


Видете следно

Дела од Крстевски во Индонезија

Во рамките на меѓународниот фестивал SIDLEFEST Semarang (SIDLEFEST – Semarang International Doodle Festival), Индонезија, организиран …